На престижниот фестивал „Жените од светот“ што ќе се одржи во Истанбул на 3 март ќе настапи македонската виолинистка Пламенка Трајковска со композиција со наслов „Ламенто вело“ за соло виолина. Како дел од проектот „Мојот град мојот глас“ Пламенка Трајковска ја создаде композицијата „Ламенто вело“ која се базира на звуците од градот Скопје и на фолклорна тема заедничка за балканските простори.
„Ламенто вело“ се снимаше во Белград во студиото „Шум“ и е сниман и видео материјал. За композицијата миксот и мастерингот го прави компанија од Истанбул.Композицијата „Ламенто вело“ ќе биде дистрибуирана на сите музички платформи на почетокот од април.
Пламенка Трајковска како композитор досега го има издадено албумот во кросовер „Апасионато“, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните“, синглот „Светулки“, композициите „Твојот допир“, „Феникс“, „Воздишка за тебе“ и многу други остварувања.
Трајковска има реализирано голем број на концерти во земјава, на најзначајните културни манифестации и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и Турција.
Таа редовно работи во Филхармонија и со организацијата „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Малите камерни состави креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија и настапуваат на официјални концерни сцени и на алтернативни простори со цел да ја доближат класичната музика до широката публика и до младите.
Во рамките на музичката програма на фестивалот „Жените од светот“, се реализира програма за композиција и продукција на дигитална музика со наслов „Мојот град мојот глас“ во која учествуваат одбрани музичарки од Турција, Северна Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Проектот се реализира со помош на Британскиот совет, организацијата „Beats by girls“ и „Brighter sound“ од Турција.