Собраниската Комисија за култура и туризам денеска ја разгледа предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2026 година и изгласа заклучок со кој му предлага на Собранието да ја усвои.
Според програмата усвоена од матичната Комисија, во оваа година ќе се чествуваат 94 јубилеи.
Програмата ја состави работна група од девет пратеници: Велика Стојкова-Серафимовска, Павле Арсоски, Дијана Тоска, Сања Лукаревска, Драган Недељковиќ, Бејџан Иљаз, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Сали Мурати и Ваљбона Адили.
Тие разгледале стотина предлози добиени од 32 институции, универзитети, национални установи, здруженија, невладини организации, општини и Град Скопје, кои одговориле на нивниот допис со барање да достават предлози за одбележување значајни годишнини.
Предлог-програмата, која денеска беше на дневен ред, содржеше 95 предлози, но од неа е избришан предлогот на Институтот за национална историја да се одбележат 15 години од смртта на политичарката и поранешна министерка за внатрешни работи, Доста Димовска. Овој предлог на пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска го поддржаа и други пратеници од власта и од опозицијата, кои заклучија дека програмата не треба да се оптоварува со предлози со кои може да се направи дефокус и оти со неговото прифаќање ќе се оди во недоглед бидејќи секоја година ќе има годишнина од раѓање или смрт на некој министер.
Пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска на комисиската седница рече дека се случуваат и вакви превиди кога се прави обемна програма иако се труделе, рече, да ги нема. Посочи дека е составена соодветна и издржана програма и дека се работи за документ, кој е наша државна меморија.
– Ги прифативме оние што ги исполнуваат утврдените критериуми за време и, се разбира, оние што се оправдани и што оставиле трага во македонската државност. За некои предлози направивме компромис, бевме многу внимателни во составувањето. Овој документ е нашата државна меморија, важно е што го продолживме континуитетот и повторно имаме програма за одбележување годишнини на значајна настани и личности – рече Стојкова-Серафимовска.
Како што рече, предизвик во составувањето било тоа што голем број институции не одговориле на нивното барање да достават предлози, така што за многу јубилеи, кои се дел од програмата, самите членови во работната група истражувале и ги предложиле. Притоа Стојкова-Серафимовска ја пофали ажурноста на вработен во Општина Прилеп, кој им пратил многу предлози за настани и личности што се однесуваат на целата територија на државата. Според Стојкова-Серафимовска, за да има повеќе време за доставување предлози, во иднина програмата на јубилеи треба да почне да се изработува порано, односно во септември наместо во декември.
Меѓу 94-те предлози во програмата за одбележување јубилеи во 2026 се: 250 години од раѓањето на Сирма Војвода, 180 години од смртта на митрополитот Теодосиј Гологанов, 150 години од Разловечкото востание, 120 години од смртта на Даме Груев, 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков, 75 години од смртта на Павел Шатев и Панко Брашнаров, 90 години од раѓањето на Ферид Мурат, светски познат лекар со албанско потекло од Македонија, кој беше дел од тимот научници што ја споделија Нобеловата награда за медицина во 1988 година, 70 години од раѓањето на претседателот Борис Трајковски, 50 години од смртта на Никола Бадев и 40 на Ристо Шишков, 20 години од смртта на Петре М. Андреевски и Димитрие Османли…
Во програмата се и 100 години од основањето на Природонаучниот музеј и Зоолошката градина во Скопје, 60 години од првиот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, 50 години од основањето на „Леб и сол“, 50 години од основањето на Катедрата за турски јазик и книжевност. Јубилеи ќе слават и Филозофскиот факултет – Скопје како прв отворен факултет на Универзитетот во Скопје, Друштвото на ликовните уметници на Македонија, Државниот архив, Факултетот за музичка уметност итн.
