Култниот роман „Мостот на реката Квај“ првпат објавен на македонски јазик

Од:

Издавачката куќа „Македоника литера“ го објави култниот роман на францускиот писател Пјер Бул, „Мостот на реката Квај“, во превод од француски јазик на Дарко Цветаноски.

Ова дело на Бул првпат се објавува на македонски јазик.
„Мостот на реката Квај“ (1952) е фасцинантна приказна за храброста, истрајноста и судирот на две завојувани империи, навидум сосема различни, но сепак прилично сродни. Романот е фикција, но е напишан врз основа на вистински настани.

Во 1942 година, среде походот низ Азија, на Јапонците им е потребна железница од Бурма кон север, која треба да ја градат нивни воени заробеници. Британските заробеници од еден затворенички логор се принудени напорно да работат за изградба на мостот. Полковникот Николсон е примерен британски офицер, во заробеништво. Кога неговите јапонски чувари му наредуваат да го изгради мостот за стратешки напад во југоисточна Азија, кодексот на воена чест на полковникот не му остава друг избор освен да ја послуша наредбата. Додека со своите војници во тешки заробенички услови го гради, британската војска планира да го дигне мостот во воздух…

Приказната за подигањето на мостот и прашањето околу неговата судбина отвора низа филозофски прашања за човековата природа и нејзините спротивставени тенденции за создавање и за уништување. Таа е одраз на менталитетот на еден исцрпен и разурнат свет, како последица од стравотните разорувања на Втората светска војна. Под сета груба надворешност, главната порака на овој роман се значењето и одржувањето на цивилизациските вредности, дури и во услови на целосно отсуство на цивилизацијата.

Филмската адаптација на ова дело (1957) е режирана од Дејвид Лин, има освоено седум оскари, меѓу кои и за најдобар филм, адаптирано сценарио и режија, и се смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња. Филмот е ставен под заштита како културолошки, историски и естетски значаен.

Пјер Бул (1912-1994) е француски писател, најпознат по неговите романи „Мостот на реката Квај“ и „Планета на мајмуните“. За време на Втората светска војна, Бул бил инженер кој служел меѓу Слободните Французи во Сингапур, каде што бил заробен и подложен на две години принудна работа. Искуствата при градењето на озлогласената „Железница на смртта“ ги пренесол во романот „Мостот на реката Квај“, кој уште истата година ја добил наградата Сент-Бев.
Attachments area

Би можело да ве интересира

Култниот роман „Мостот на реката Квај“ наскоро на македонски јазик

А1он