Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ вечер продолжува со концерт на италијанскиот уметник Џанлука Кампи, познат како „Паганини на хармоника“.
Кампи научил да свири хармоника на 11 годишна возраст, а на 12 и 13 годишна возраст два пати победува на меѓународниот натпревар за хармоника Варчели кога за прв пат е наречен „Паганини на хармоника“.
-Џанлука Кампи од Италија е на самиот музички врв во светот, дури и најдобар. Насекаде го нарекуваат Паганини на хармониката. Задоволство е што празничниот концерт на „Интерфест“ ќе го приреди токму Кампи кој ќе изведе дела од Паганини, Вивалди, Монти, Росини и Штраус, изјави за МИА, Милица Шперовиќ Рибарски, уметнички директор на „Интерфест“.
Џанлука Кампи на своите концерти освен класична музика интерпретира и други аранжмани, танци и танго и ја освојува публиката, посочуваат од „Интерфест-Битола“ за Кампи кој освен уметник е и наставник во неколку италијански училишта, а соработува и со конзерваториумот „Николо Паганини“.