Комеморација за режисерот Кирил Петрески во Прилеп

Од:

Колективот на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ и на Центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска со комеморација во големата сала од Домот на културата се прости од режисерот и драматург Кирил М. Петрески кој ненадејно почина во саботата, на 29 август, на 55-годишна возраст.

Во името на колегите на Петрески, директорката на Центарот за културата „Марко Цепенков“ – Марија Попова Јованоска рече дека Кирил Петрески е дел од историјата на прилепскиот театар.

Петрески дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски. Во Театарот „Војдан Чернодрински“ ги режираше претставите „Уште една за по пат“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески, „Духот…“ според дела од Војдан Чернодрински и Горан Стефановски, „Сатирикон или големата гозба“ од Петрониј Арбитер, „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Сонот на Цепенков“ според Марко Цепенков, „Како се станува цар“ од Афродита Кирјаковска, „Хамлет од Горно Дупени“, според „Хамлет од селото Долна Мрдуша“ од Иво Брешан, „Демократија“ од Јосиф Бродски и „Ученикот“ од Мариус фон Мајербург. Со претставата „Четвртата сестра“ учествуваше на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во Кумановскиот театар ги постави „Варијации: диви пајки“ од Дејвид Мемет и „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ, која беше дел и од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2010 година.

Во НТ „Григор Прличев“ – Охрид ја режираше претставата „На дното“ според делото на Максим Горки.

Би можело да ве интересира

Во среда на Филолошки комеморација во чест на Тихомир Јанчовски

А1он

Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар