Владата на денешната седница одлучила просторот од 475 метри квадратни под Националната опера и балет кој е со трајно користење на Министерството за култура да го користи Националната установа „Џез-оркестар“.
Оваа установа просториите најверојатно ќе почне да ги користи кон крајот на годината, затоа што до тогаш тој простор ќе се реновира.
– Новоформираната национална установа ‘Џез-оркестар’, со одлука на Владата ќе има нова трајна адреса во зграда 1, влез 1 на булевар ‘Гоце Делчев’ број 4, на катастарска парцела број 9505/1, катастарска општина Центар 1, имотен лист 40986. Се работи за дел од вкупниот простор од 1 448 квадратни метри под националната опера и балет, простор од 475 квадратни метри за чие соодветно реновирање имаме и проект и обезбедени средства – соопшти министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Реконструкцијата ќе започне во најкус рок и дека можеби до крајот на годината ќе имаме оспособени простории за тие да можат да функционираат.
– Со ова, јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период – додаде министерката и повика да се прекине со протестите, а колегите од Филхармонија да им обезбедат простор да ги одржат своите проби и концерти во просториите на филхармонијата, додека не се преселат во новите простории.