Доделени наградите на СОКОМ за 2016 година

Од:

Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди од областа на современото музичко творештво и исполнителство.

Музиколозите Елени Новаковска и Јулијана Папазова за монографијата “Маестро Александар Џамбазов, Живот низ сеќавања, афоризми, сентензии”, издание на Центарот за музикологија – ЦЕМ од Скопје ја добија наградата „Панче Пешев“ за 2016 година.

Во образложението за доделувањето на оваа награда, која се смета за највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година, се наведува дека Монографијата го прикажува животниот и творечкиот пат на Џамбазов.

– Содржината е поделена во три централни делови: биографија; професионални активности (диригент, композитор, аранжер, организатор, општествен деец) и музичка анализа на творештвото. Овој темелен, квалитетен и обемен музиколошки труд има огромно значење и поради тоа што овозможува да се запознаеме не само со активностите на Џамбазов, туку и со историјата на македонската музичка култура, се посочува во образложението.

Наградата „Георги Божиков“ која се доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2016 година се доделува на Гудачкиот квартет „МИВОС“ од САД, кој го сочинуваат виолинистите Оливија Де Прато и Такао Хјакутоме, виолистот Виктор Лори и челистката Мариел Робертс, сите дипломци на програмата Мајстори за современа изведба на Школата за музика на Менхетен.

– Основната премиса на нивната мисија се нарачките на композиции што резултираат со премиерни изведби, па така во портфолиото на МИВОС сега се вбројуваат и македонските дела „Распеви“ од Гоце Коларовски, „Имплозија“ од Маријана Јаневска и „Празнината“ од Валентина Велковска – Трајановска. Настапот на квартетот МИВОС на „Деновите на македонска музика“ домашната критика го оцени како „исполнителско мајсторство со интонативна прецизност, способноста за постигнување на различни звучни спектри и ефекти, солидната изведувачка техника“, стои во образложението од СОКОМ.

Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на завршниот концерт на „Деновите на македонска музика“ со Македонската филхармонија, утревечер (13 април) во 20 часот во концертната сала на Домот на АРМ.

Би можело да ве интересира

Дискусија за македонското музичко творештво

Ана Ололовска

СОКОМ бара почитување на резултатите од Конкурсот за откуп на нови музички дела

Ана Ололовска

Јубилејни Денови на македонска музика

Ана Ололовска

Ново здружение за заштита на авторски музички права

Ана Ололовска

Јане Коџабашија победник на третиот конкурс за музиколошки труд на СОКОМ

Ана Ололовска