Македонскиот режисер Дејан Пројковски за претставата „За нас почнува живот“ доби Награда за најдобра режија, а „Брачно советувалиште“ на Театар Јазавац од Бања Лука е добитник на Награда за најдобра претстава на 12. Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, што од 10 до 13 овој месец се одржуваше во паркот „Авионче“ во Општина Аеродром.
Претставите годинава ги избра Роберт Ристов, а наградите беа доделени на последната фестивалска вечер, за кои одлучи жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов.
Награда за најдобра машка улога жирито му ја додели на актерот Иван Томашевиќ за улогата на Данило Сречковиќ во претставата „Вонбрачна комедија“ на Сцена Маска – Србија. Томашевиќ, како што се наведува, со совршена избалансираност на енергичност, емоцијоналност и луциден хумор, изгради комплексен и слоевит лик, кој и покрај сложеноста, го изведе со завидна леснотија и артистичка прецизност, од самиот почеток па се до крајот на претставата.
Оваа година жири-комисијата одлучи за Најдобра женска улога да ја додели на актерките Глориа Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, од претставата „Ива и Глориа“ на Театар Керекеш – Хрватска кои, како што се наведува, со неверојатна брзина на трансформации и неизмерна сценска енергија, оживеаа повеќе препознатливи типизирани ликови од нашето секојдневие, оставајќи впечаток на убедливост во секој момент од претставата.
Наградата за најдобра режија ја доби македонскиот режисер Дејан Пројковски за претставата „За нас почнува живот“.
– Пројковски маестрално креира еден кохерентен и комплексен сценски свет, каде секој елемент е внимателно избалансиран помеѓу трагичното, комичното, радоста, болката, зависта, стравот од непознатото, трансформирајќи ја претставата во уметничко доживување со длабочина, се вели во одлуката на жири-комисијата.
Награда за споредна улога се доделува на актерот Душан Симиќ за улогите на Миша, Чеде и Мите во претставата „Вонбрачна комедија“ на Сцена Маска – Шабан, Р. Србија. Симиќ, според жири-комисијата, преку извонредното актерско мајсторство, оживеа три сосем различни лика, трансформирајќи се со силна, експресивна и многу прецизна актерската игра, која внесе во сцените дополнителна живост и комични моменти.
– Наградата за најдобра претстава на фестивалот се доделува на претставата „Брачно советувалиште“ на Театар Јазавац – Бања Лука заради исклучителната уметничка целина, каде режисерската прецизност во јасно заокружениот концепт, колективна актерска игра и впечатливото визуелно обликување, создадоа незаборавно уметничко доживување во целост, посочува жири-комисијата.