Вчера вечерта со прикажување на 10 филмови од различни земји од светот заврши компетитивната програма на краткометражните филмови на 9. Филозофски Филмски Фестивал. Меѓу нив присутната публика можеше да види и два македонски филма – КОГА НÈ НЕМА, на Стефан Палитов и ПОЧЕТОКОТ, на Агим Абдула. Во Официјалната селекција за наградите „Златен був“ од публиката и жирито (д-р Габриела Калчи Новати, м-р Наум Трајановски и Иво Бару) оваа година се вкупно 19 краткометражни остварувања. Претходно, ревијално беше прикажана и филмската етида ОСАМЕНОСТ на Мирослав Илиќ креирана во рамките на Работилницата за филозофија и филм на Фестивалот со проф. д-р Стефан Сидовски.
Во делот од компетитивната селекција на долгометражни филмови беше прикажано дебитантското остварување на турскиот режисер Осман Наил Доган, КРАДЦИ НА ГУЛАБИ. На непосреден, топол и полн со емпатија начин, Доган ја пренесе на публиката приказната за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија.
Денес на програмата на седмиот, претпоследен ден од ФФФ се три настани. Во Придружната програма (во 11:00) на Филозофскиот факултет (Предавална 8) ќе се одржи предавање на проф. д-р Дејвид Сорфа, програмски директор на магистерските студии по филм на Универзитетот во Единбург и главен и одговорен уредник на најзначајното списание во светот од областа на филм-философијата, „Film-Philosophy“. Предавањето е од отворен карактер и професорот Сорфа ќе зборува на тема: „Film-Philosophy after Jacques Derrida“.
Во 18:30 во рамките на Ревијалната програма филм-философија ќе се прикаже филмот ДЕЦА НА ЧОВЕШТВОТО од Алфонсо Куарон, како предлошка за излагањето на специјалната гостинка од Институтот К.Г. Јунг од Швајцарија, д-р Габриела Калчи Новати. Новати ќе има излагање на тема: „Children of Men: Anthropocene’s ‘Père-version’; Patriarchy’s Demise“, односно ќе го отвори прашањето на антропоценот како визура на дистопијата на мексиканскиот режисер.
Вечерта (во 21:30) ќе биде прикажан последниот филм од компетитивната селекција на долгометражни филмови, германско-австриската копродукција СТИКС на Волфганг Фишер. СТИКС ја отвори Panorama секцијата на 68. Берлински филмски фестивaл, а беше и еден од трите LUX Prize финалисти на Европскиот парламент во 2018 година. Филмот го вперува погледот кон индивидуалната и колективната одговорност, или поточно, индиферентноста кон другите луѓе во неволја, во случајот мигранти во бродолом на отворено море.