Четврто издание на “ДримОн“ против културната деградација и дискриминација

Од:

Новото, четврто издание на фестивалот за урбана култура „ДримОн“ ќе се одржи од 27 до 31 јули во Струга. Организаторите најавуваат улични акции, десетина музички настани, концерти и ди-џеј сетови, дебати, изложби, перформанси, филмови и работилници.

Досега се потврдени концертите на белградските рокенрол состави „Stuttgart Onlajn“, чиј настап ќе се одржи на 27 јули (среда) и концерт на „Kanda Kodza i Nebojsa“, кои ќе ја забавуваат публиката на 30 јули (сабота).

Третиот фестивалски ден ке биде во знакот на Канал 103, односно ќе се прослават 25 години јубилеј на алтернативното радио. Најавени се настапите на Millko бенд од Скопје , „Kanton 6“, Синиша Евтимов и Мирко Попов.

Последниот ден на фестивалот, традиционално ќе се одбележи со театарски претстави – „Семе“ на Театар Сенки и Облаци и „Госпоѓица Јулија“ на Театар Фабрика.

Во рамките на „ДримОн“, ќе се одржи и проекција на одбрани кратки шпански филмови во соработка со Скопје филм фестивал и ЕКАМ (Мадридска регионална филмска школа).

Во текот на фестивалот ќе има работилница за колажи, која ќе ја одржи Трејси Спаркс од САД, на 28 јули, во 14 часот.

– Четворката е против хипокризијата, дискриминацијата, културната деградација и сите видови вируси и паразити, велат организаторите ИНКА (Иницијатива за независен културен активизам).

Влезот за сите случувања на фестивалот е бесплатен.

Би можело да ве интересира

Отворено 5. издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримОН“

Ана Ололовска