Четириесетина странски поети на годинашните Струшки вечери на поезијата

Од:

Триесет и девет странски поети ќе учествуваат на 54-тите Струшки вечери на поезијата, кои ќе се одржуваат еден ден подолго од минатите изданија, од 26-ти до 31 август.

Од странските учесници има познати имиња во современиот поетски свет кои доаѓаат од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија… автори кои уште со првата книга го привлекле вниманието на книжевната јавност. Гости ќе бидaт неколку арапски поети, меѓу кои  сириско-либанскиот со светска слава Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997, поети добитници на значајни литературни награди, како Јусеф Комунјака од САД – добитник на Пулицерова награда, како и петмина поети од листата на меѓународната поетска платформа „Версополис“ во која учествуваат фестивали од 11 земји, а СВП е еден од нејзините иницијатори.

Мексико е годинава земја во фокусот и од таму ќе дојдат четворица поети. Ќе биде објавена Антологија на современата мексиканска поезија меѓу изданијата од едицијата „Плејади“.

– Фестивалот ќе понуди избор на одлична мешавина од најзначајните и веќе прочуени светски поети и оние кои веќе надоаѓаат на светската поетска сцена, рече Мите Стефоски, директор на фестивалот на денешната прес-конференција во Скопје. Покрај поетите-учесници, гости на СВП ќе бидат и директори на поетски фестивали и претставници на издавачки асоцијации – од Германија, Канада, Месико, Турција… – Со тоа ќе овозможиме рецепција и на македонската поезија во светски рамки, рече Стефоски.

Фестивалот ќе биде свечено отворен на 26 август пред платото на Домот на културата во Струга и таму ќе остане до 30 август, а на 31-ви месецов продолжува во Скопје каде ќе има две поетски читања – матине на Матка и кај Споменикот на гемиџиите на кејот кај Камениот мост. Од 23 август ќе има претфестивалска, неофицијална програма, во која ќе биде отворен Саем на книга и презентација на македонската книжевна продукција, како и преводни изданија.

Врачувањето на сите награди – „Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ – за дебитантска поетска книга на млад странски автор (на Паола Бозалонго од Шпанија) и на македонскиот поет кој ќе ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде, како и во минатите години, на затворањето на фестивалот на програмата „Мостови“.

Покрај традиционалните, фестивалот оваа година ќе има нови или редизајнирани стари содржини, кои ги најави директорот Стефоски. Рече дека внесуваат и визуелни медиуми за популаризација на поезијата, па ќе има поетски филмови во соработка со Zebra Poetry Film Festival од Берлин, а ќе гостува и неговиот директор Томас Волфарт кој ќе одржи предавање за поетскиот филм. Ќе бидат прикажани и документарни филмови за досегашните лауреати на СВП.

Новина се и новите начини на читање на поезијата, па се востановуваат книжевни минипортрети, меѓународно поетско читање „Кругови“ за презентација на поезија од сите континенти, како и нови локации за поетски читања за, како што рече Стефоски – да се избега од локалноста – крајбрежјето на Струга, и да се почувствува фестивалската атмосфера низ цела Македонија. Тоа ќе се постигне со истовремени поетски настани на 27 август низ градовите во Македонија (Охрид, Битола, Скопје, Велес, Ресен…). Нова локација за читање поезија ќе има и во Охрид –  кај споменикот на Св. Климент.

Реформатиран ќе биде и традиционалниот симпозиум, осовремент во фестивалска смисла, со напуштање на научниот пристап и дискусии во низа во разни термини. Темата годинава е „Изгубено – најдено во преводот“, а целта е да се потенцира значењето на книжевниот превод. Ќе бидат презентирани и петтемина поети (од Шведска, Австрија, Белгија, Словенија и Исланд) од платформата „Версеполис“, проект поддржан од програмата на ЕУ „Креативна Европа“.

Стефоски најави уште една новина за која СВП дополнително ќе информира – зимски поетски фестивал од 1-ви до 6 декември со четворица поканети поети.

Би можело да ве интересира

Охридскиот архив почнува со дигитализација на документацијата на „Струшките вечери на поезијата“

Ана Ололовска

Објавен конкурсот за Меѓународната награда „Мостови на Струга“ за 2022 година на СВП и УНЕСКО

Ана Ололовска

Објавен конкурсот за Меѓународната награда „Мостови на Струга“ на СВП за 2021 година

Ана Ололовска

„Струшки вечери на поезијата“ дел од „Фестивалот на надежта“ на платформата Версополис

Ана Ололовска

Израелскиот поет Амир Ор е добитник на наградата „Златен венец“ на СВП за 2020 година

Ана Ололовска

Струга ги испрати своите гости, завршува 58-то издание на СВП

Ана Ололовска