На вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, кој беше отворен од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026 година, пристигнаа 46 ракописи.
Пристигнатите необјавени романи, ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (прв добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денова (професорка по книжевност за деца).
Одлуката за добитникот на наградата за 2026 година ќе биде објавена на 11 март, на денот на раѓањето на Оливера Николова.
Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Таа ќе биде врачена на посебен свечен настан.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка на семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година.
Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои Николова создаваше – романот за деца и млади.
На првиот конкурс победи романот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски, избран од вкупно 38 пристигнати ракописи. Во најтесниот избор за наградата беше и ракописот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).
