За подобра Македонија! Подобра – Кога и за кого?

Од:

Ако е да судиме според денес јавно изнесените податоци од страна на „отпорот“ пред просториите на Антикорупциската комисија, за некого подобра Македонија е денес веќе стварност. Да си студент или тазе дипломиран, а веќе со пратенички мандат и тоа во позиција, значи дека немаш никакви материјално-финансиски грижи.

Едноставно, биди послушен и лојален, изработи што ќе ти се каже и тогаш станови, куќи за одмор, ниви, пари на сметка и се што душа ќе ти посака можеш да имаш. Е па господо од опозиција, кој ви е крив што не сте послушни и лојални на „пастирот“.

А власта, чија е власта? На граѓанинот на Република Македонија. Република Македонија е граѓанска држава, со повеќепартиски систем и демократско уредување, а тоа значи власта е на сите што се во Парламентот и на позицијата и на опозицијата. Е тука е вулгаризирање на сегашната позиција во власта, која поимот „позиција“ го изедначува со поимот „власт“ и на тоа конто сака неприкосновено, односно, апсолутистички да владее со држава која себе се нарекува демократска.

Е нема да може така. Ќе мора полека но сигурно да се повлечат во историјата, но попат и да одговараат за сторените криминали и изгубениот курс на движење на оваа држава, кон својата перспективна иднина.

Имам чувство дека сегашната позиција и не е толку загрижена за можното губење на местото на позиција во власт. Па тие толку се нафатираа, што сега им треба време за мирно трошење на стекнатото во овие последни седум години владеење. Но проблем е, дали новите што ќе дојдат, ќе гарантираат, дека нема да чепкаат по нивно минато, потекло на парите и имотот, законско работење и чесно заработување.

Е кога би ја имале таа гаранција, убеден сум дека веднаш би се сложиле и за предвремени парламентарни избори и за фер и демократски процес на избори, се само гаранција – да станат недопирливи.

Беа ветувани милијарди инвестиции, биднаа милијарди, ама задолжувања по светски банки, пари кои уште многу генерации ќе мора да ги враќаат и тоа со добри камати. А парите од тие кредити, наместо да се вложат во капитални, ама продуктивни инвестиции, се „испраа“ преку споменици и барокни згради, нешто што ќе се покажува во учебници по економија како класичен пример за промашени инвестиции.

А патриотизмот, тој толку експлоатиран збор, со цел да го раздели народот, за полесно со него да се владее, одамна нема снага како во првите години на „преродбата“ да ги поларизира граѓаните, зошто на најголемиот број на граѓаните, независно од политичкото определување, верска или национална припадност, ја разбраа политиката на личен интерес ,спакувана во „преродба“ доградувана и прширувана, се со цел добро да се профитира на грбот на граѓанинот.

Премногу го поценивте интелектот, послушноста и лојалноста кон државата на обичниот граѓанин, кој ги почитува и законите и уредбите во оваа држава, ама не дозволува да биде до таа мера изманипулран, да една чиста апсолутистилка власт ја прифати како демократска, за која тој наводно на слободни, нелажирани и демократски избори се определил да даде глас на опција која ветува „подобра Македонија“ Македонија во НАТО и ЕУ. Македонија без сиромаштија и полна вработеност.

Знам дека овие реченици тешко ќе стигнат до позиционерите, затоа што имаме диригирано и контролирано новинарство, но убеден сум дека гласот кој полека но сигурно го шират граѓаните веќе стигна и до меѓународната заедница, а вистината секогаш победува. Овој пат вистината ја кажуваат граѓаните и таа е на прагот на победата.

Ќе има „подобра Македонија“ ама преку „СОЈУЗ ЗА ИДНИНАТА“.

Мирослав Трлин

член на ЦО на НСДП

Би можело да ве интересира

Груевски да биде изолиран, а не државата

Ана Ололовска

Третманот на прашањето за изградбата на гасоводот „Јужен тек“ во македонските медиуми

Ана Ололовска

Новинарска лекција: РЕПОРТАЖА

Ана Ололовска

Може ли да се украдат 200.000 гласови и зошто?

Ана Ололовска

Костова: Никола твојата последна битка за опстанок на ФОКУС е наш императив!

Ана Ололовска

Кога новинарите не прашуваат, лагата многу лесно станува вистина

Ана Ололовска