Влезот во НАТО ќе значи поголема сигурност и безбедност за светскиот турист, како и засилени инвестиции во туристичката инфраструктура, а со отворените врати кон Европа нашите амбициозни цели можат да станат реалност во многу скоро време, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши на манифестацијата по повод Светскиот ден на туризмот.
Бектеши напомена дека Македонија минатата година ја оствари предвидената цел – еден милион туристи и над три милиони ноќевања.
– Не застануваме тука зашто нашите цели се многу поамбициозни, Македонија да биде на мапата на сите значајни туристички извозни земји во регионот, Европа и пошироко, рече министерот.
Според него, потенцијалот на туризмот е огромен само треба да се искористи, а за тоа е неопходно заеднички да делуваат сите засегнати страни.
Статистиката покажува дека во првите четири месеци од годинава македонскиот туризам бележи 26,5 отсто раст во остварениот девизен прилив.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски оцени дека земјава годишно од секторот туризам може да реализира девизен прилив од 380 до 400 милиони долари.
На настанот во Клубот на пратеници беа доделени и признанија на најуспешните хотели за градски и планински туризам, како и спа-центри.