Поволностите за инвестирање и придобивките од отворање и водење бизнис во Македонија беа претставени во Истанбул на тркалезна маса што ја организираше Македонско-турскиот деловен совет, кој е дел од Асоцијацијата на комори и берзи на Турција.
Настанот, како што информираше денеска прес-службата на Владата, е од исклучителна важност, бидејќи до информациите кои се споделени, пристап ќе имаат околу 1.300.000 компании, членки на асоцијацијата. Покрај турските компании кои се потенцијални инвеститори, присуствувале и компании кои веќе инвестирале во Македонија.
На презентацијата учествувале и министерот за странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида.
На маргините на состанокот, министерот Павлески и директорот Фида оствариле средба со претседателот на Македонско – Турскиот деловен совет, Хасан Хосбен, почесниот конзул за Измир и Маниса и член на Управниот одбор на Елгинкан Холдинг, Гаје Акчен и претседателот на Управниот одбор на Асчиоглу Холгинг, Јасар Асчиоглу.
Исто така, тие се сретнале и со Аккан Сувер, претседател на Фондацијата Мармара, која е организатор на Евроазискиот економски форум на кој во изминатите години учествуваа македонскиот претседател и владини претставници. Сувер упатил покана до министерот Павлески и директорот Фида за учество на претстојниот форум што ќе се одржи во април во Истанбул, во чии рамки би се организирал посебен панел на кој би се презентирале условите за инвестирање во Македонија и актуелните инвестициски проекти.
Министерот Павлески остварил куса средба и со турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, на која се потенцирани одличните пријателски односи меѓу двете земји и можностите за понатамошна трговска и инвестициска соработка.
Пред посетата на Турција, министерот Павлески и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида престојуваа во посета на Индија каде учествуваа Глобалниот партнерски самит во Агра, Утар Прадеш.