Јанкулоска: „Монструм“ да не се злоупотребува за дневно политички цели

Од:

Случајот „Монструм“ да се остави надвор од политиката и да не се злоупотребува за дневно политички цели зашто е во многу чувствителна фаза, фаза на судење, предупреди денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, одговорајќи на пратеничко прашање.

Таа очекува, како што рече, многу скора разрешница врз основа на доказите. Повика да не се манипулира со вистината и фактичката состојба, а пратениците, министрите и сите вршители на јавни фунцкии да ги почитуваат институциите.

– Да оставиме судот да се изјасни без какви било притисоци. МВР го кажа тоа што имаше да го каже, ги предаде доказите со кои располагаше. Обвинителство ги прифати и покрена акт што зборува дека тврдењата на пратеникот, не кореспондираат со вистината. Нема да се впуштам во јавно дискутирање на доказите зашто право на нивна оценка има само судот. Следејќи ја динамиката на одвивање на случајот, во разумен рок судот ќе излезе јавно со свој став за обвинението, обвинетите и  нивната евентуална вина, напомена Јанкулоска во врска со прашањето на Беким Фазлиу од ДПА.

Министерката не одговори конкретно на прашањето на Фазлиу, дали ќе поднесе оставка поради случајот „Монструм“. Евидентно е, оцени Фазлиу, дека полицијата не успеа да го расветли случајот и да ги најде сторителите, а обвинетите треба да прифатат дела кои немаат никаква врска со нив.

– По активностите на приведување беа спроведени низа истраги од МВР и од страна на независни институции. Притоа, не беше утврдено никакво пречекорување на стандардите и служебите овластувања. До соодветните органи не беше поднесена ниту една претставка за евентуално прекршување на човековите слободи и права, потенцира Јанкулоска.

Опозициските пратеници, подвлече, треба да имаат сила и трпение да ја сочекаат одлуката на судот пред да навлегуваат во тврдења, коментари и извлекување какви било заклучоци.

По констатацијата на Фазлиу дека продолжува селективното спроведување на правото, односно дека законот не важи за одредени претставници на ДУИ кои иако на последните избори предизвикале инциденти моментно извршуваат високи државни функции, Јанкулоска беше децидна. Голем дел од овие случаи, рече, се излезени од надлежност на МВР и за нив има жалбена постапка по која незадоволните страни може да се противат но, институциите мора да се почитуваат.

– И овој и многу други случаи ја демантираат тезата на пратеникот за владеењето на правото. Го покажуваат спротивното, дека законот важи подеднакво за сите, независно дали  е некој функционер, член на партија или обичен граѓанин. Само за оние за кои ќе се најдат докази, мора да се соочат со правдата, истакна министерката.

Целта на МВР е да обезбеди мирни, фер, слободни и демократски избори на кои граѓаните ќе ги искажат своето мислење и став.

Јанкулоска потсети на вчерашната изјава дека „полициските службеници мора да одговорат професионално на сите задачи и предизвици што ќе се појават во текот на изборниот процес во доменот на нивните надлежности“.

– Кој било службеник што ќе се најде на другата страна од законот или ќе ги пречекори овластувањата, ќе одговара согласно прописите. Веќе е формиран Штабот на МВР за подготовка на изборите за да имаме доволно време да одговориме на предизвиците. Нема да дозволиме ниту еден полициски службеник да излезе надвор од законите кои го регулираат работењето на полицијата. Им порачавме, кога не се работно ангажирани да се воздржуваат од партиските активности за да не се доведе обичниот гласач во ситуација да смета дека ставот на поединецот изразен надвор од работното време, е став на институциијата, објасни Јанкулоска.

Фазлиу при поставувањето пратенички прашања посочи и на „скандал“ околу финансирањето на ДУИ. Според Државниот завод за ревизија, оваа партија, рече, ја финансираат државни институции што е незаконски и нелегално.

– Овој случај беше експлоатиран и од медиумите, но со оглед дека дебатата за него почна пред неколку дена, најдобро е надлежните да датат мислење, да кажат дали се работи за нешто што го образложи пратеникот или не, рече министерката за внатрешни работи.

Би можело да ве интересира

Обвинетите од „Монструм“ сакаат во „Идризово“ за полесно да контактираат со нарачателите?

Емир Латифовиќ