Светскиот ден на населението годинава посветен на планирање на семејството како човеково право

Од:

Иако поминаа години откако модерната контрацепција дојде во светот, се уште постојат девојки и жени кои немаат пристап до неа, заклучи постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, на денешното одбележување на Светскиот ден на населението, посветен на Правото на планирање на семејство.

Таа нагласи дека во светот околу 225 милиони жени кои сакаат да се заштитат од бременост не користат безбедни и ефикасни методи за планирање на семјество од најразлични причини, почнувајќи од недостиг од пристап на информации и услуги, па се до недостиг на поддршка од партнерот или заедницата.

– Сервисите за планирање на семејство треба да постојат во секоја држава. Семејното планирање ги охрабрува луѓето и ги развива нациите, истакна Винтон.

Доктор Бранкица Младеновиќ раководителката на Здравствениот дом за заштита на мајки и деца, посочи дека бенефиции од планираното семејство, освен жената, имаат и децата, мажите, семејствата, адолесцентите, како и заедницата.

– Да се имаат информации, средства и моќ, за да се донесе одлука, дали, кога и колку често жената ќе се репродуцира, е универзално човеково право, потенцираше Младеновиќ.

Таа посочи дека недоволната употреба на контрацепција во Македонија е можно да се должи на ниската информираност за постоечките методи и придобивки од семејното планирање, предрасудите и погрешните убедувања, пристапот и средствата, родовата нерамноравност, економската зависност на жените, како и традиционалните и културните норми.

– Непланираната бременост претставува значен јавно-здравствен проблем. На глобално ниво 40 отсто од сите бремености се непланирани, од кои 50 отсто завршуваат со абортус. Со планирањето на семејство се постигнуваат значителни здравствени, економски и социјални придобивки, информираше Младеновиќ.

Таа заклучи дека се уште се соочуваме со предизвикот за подобрување на достапноста до модерните методи на планираното семејство.

– Владата за 2018 година одвои средства во висина од 300.000 денари за набавка на бесплатна контрацепција, наменета за ранливи групи на жени, додаде Младеновиќ.

Извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски, истакна дека употребата на контрацепцијата за младите е важна поради спречувањето на непланирана бременост, поради родовата еднаквост, медицинските придобивки, како што е намалувањето на ризикот од рак на матка и за младите да бидат поздрави, подобро образовани и економски попродуктивни.

– Моја препорака е да се воведе здравствено образование, да се зголеми едукацијата на здравените работници, постепено да се зголемува националниот буџет за превентивни програми, да се работи на разбивање на предрасудите, да се вклучат општите лекари во процесот, како и да се стави контрацепција на позитивната листа и да се вкучи граѓанскиот сектор во едукацијата и сервисите, наведе Јовановски.

Би можело да ве интересира

Светски ден на населението

Ана Ололовска

Започнува кампањата за одбележување на Светскиот ден на населението

Ана Ололовска