НОРМАК Инвестмент груп и официјално е конзорциумот што ќе стопанисува и менаџира со слободната економска зона во Тетово. Како што соопшти денеска министерот за економија Ваљон Сарачини, 30 дена од објавувањето на оваа, веќе донесена одлука, треба да се потпише договорот за јавно приватно партнерство.
Според понудениот бизнис-план, НОРМАК се обврзува во првите три години да изгради 40 отсто од зоната, а за седум да ги реализира планираните активности во целост. Минималната капитална инвестиција е седум милиони евра, а предвидените дополнителни вложувања треба да достигнат 150 милиони евра.
– Официјализирањето на одлуката за стопанисување со ТИРЗ Тетово е од особено значење не само за развој на полошкиот регион, туку и за македонската економија воопшто. Тоа ќе овозможи отворање работни места и влез на нови технологии, истакна Сарачини.
Потенцијални инвеститори веќе има. Со дел од нив разговарала државата, а со други директни контакти воспоставил и НОРМАК. Се очекува влез на компании главно од автомобилската индустрија, но, видот на дејноста не е ограничен и ќе биде ист како дозволените во останатите развојни зони. Дискриминација нема да има, фирмата сама ќе си ја носи конечната одлука за тоа во која зона ќе вложува.
– Пет до седум компании се веќе подготвени да инвестираат во ТИРЗ Тетово.
Претставниците на Конзорциумот кои пред неполни десет дена ја посетија Македонија, најавија влез на големи странски компании во ТИРЗ Тетово. Рано е да се каже, напоменаа, во кој правец ќе се развива индустриската зона, но извесно е дека ќе дојдат големи фирми кои се занимаваат со производство.
Подготовките во делот на инфраструктурата ќе почнат веднаш по што, според НОРМАК, ќе следува потпишувањето на договорите со заинтересираните вложувачи, разгледувањето на нивните бизнис-планови и обезбедувањето на потребните дозволи за градба.
– Ова ќе биде прва зона за чие развивање е задолжен приватен партнер. Тој воедно ќе има обврска и за активно привлекување странски инвестиции што, исто така, паралелно, ќе продолжи да го прави и државата, истакна директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Многу е важно, додаде, што Македонија ќе добие уште една функционална индустриско-развојна зона која ќе биде подготвена да ги прифати новите потенцијални инвеститори.
НОРМАК Инвестмент груп е конзорциум на пет компании од кои четири се бизнис асоцијации и инвестициски фондови во Норвешка, а една е американска која се занимава со недвижнини особено во индустрискиот сектор.
До потпишувањето на договорот НОРМАК мора да има формирано компанија во Македонија со основна главнина од најмалку 50.000 евра. Динамиката на инвестирање е до три милиони евра во првите три години за изградба на внатрешната инфраструктура и по два милиона евра во четвртата и петата година, а потоа и во последните две.
ТИРЗ Тетово е оддалечена од Скопје речиси 40 километри, а нејзиното поврзување со автопатот треба да го овозможи државата преку изградба на надворешната инфаструктура. Според Норвежаните, најмалку една година ќе треба да се чека за старт на првата конкретна инвестиција зашто предвидените активности околу подготовките ќе потраат. Предвидувањата се дека за период од седум години е можно отворање на околу 7.000 нови вработувања.
Доколку не се испочитува бизнис планот, реализација на предвидените 7 милиони евра за седум години или дополнителите 150 милиони евра, ќе следуваат пенали. За секој ден задоцнување, НОРМАК ќе мора да и плаќа на Македонија по една просечна плата, а ако и по два месеца (60 дена) не ги исполни обврските од тендерската документација, ќе се активира банкарската хипотека која, како што посочи министерот Сарачини, е многу висока.