Што ако првите луѓе на Скопски пазар бидат осудени за криминал со акции?

Од:

Скопскиот Основен Суд минатата недела го прифати обвинението против неколку членови на раководните органи на Скопски пазар, кои се обвинети дека со малверзации со акциите во 2006 и 2007 година ја злоупотребиле службената положба и ја оштетиле фирмата за да прибават лична корист.

Оваа одлука на Судот, која значи дека за случајот наскоро ќе започне судење, се случува само една недела пред Собранието на акционери на СП, закажано за 11-ти јуни. Во пресрет на овој клучен годишен настан за фирмата, вработените и акционерите се прашуваат каква е иднината на нивната компанија. Што ќе се случи со Скопски пазар, доколку неговите директори, кои самите се и меѓу најголемите акционери на Скопски пазар, бидат осудени?

Според Обвинителството, првите луѓе на СП во посочениот период предлагале и спроведувале одлуки со кои компанијата купувала сопствени акции, кои веднаш потоа биле поништувани. Ваквите потези, кои се случувале неколкупати, резултирале со незаконско зголемување на процентуалниот удел на самите директори во сопствеништвото на фирмата, што е и главното дело што им се става на товар. Според вештачењето извршено по нарачка на Обвинителството, раководството на СП го оштетило буџетот на фирмата за околу 40 милиони денари, или 640.000 евра.

Правните експерти велат дека за кривичното дело за кое се обвинети директорите на СП се предвидени и повеќегодишни затворски казни, а можно е Обвинителството да предложи и дополнителни мерки, како забрана на вршење на дејноста, доколку членовите на раководството бидат прогласени за виновни.

Во секој случај, евентуалната осудителна пресуда против директорите ќе значи и големи промени за Скопски пазар – директорите, а дел од нив воедно се и значајни акционери во фирмата, во тој случај би биле обврзани да ја надоместат причинетата штета, а според правниците, можни се и конфискации на пари, движен и недвижен имот. Во случај на осудителна пресуда, големи се шансите и да дојде до промена на управувачката структура на компанијата.

Сево ова се случува во време кога компанијата се соочува со тешка ситуација поради наталожените милионски долгови. Раководството на фирмата лани одлучи да ги затвори сите супермаркети во Скопје и да го напушти бизнисот во кој СП со децении беше водечки бренд, препуштајќи им ги маркетите на довчерашните конкуренти.

Во меѓувреме, и покрај јавните реакции на дел од вработените и акционерите, првите луѓе на компанијата продолжуваат со распродажбата на недвижниот имот на фирмата. Како што веќе објавија медиумите, Скопски пазар во моментов продава десетици свои локали во Скопје, но и во други градови низ земјата. На веб-страницата на СП се бараат купувачи за деловни објекти во Чаир, Ѓорче Петров, Ресен, Битола, Охрид…

Незавидната состојба во која се наоѓа Скопски пазар е нотирана и во последниот независен ревизорски извештај, во кој се вели дека компанијата на крајот на 2017 година била во „минус“ од над пет милиони евра.

„Со состојбата на 31 декември 2017 година, тековните обврски на Друштвото, намалени за обврските по примени аванси од купувачи, ги надминуваат неговите тековни средства за износ од 324.735 илјади денари. Овие услови, заедно со другите прашања обелоденети во Белешката 2.2, укажуваат на постоење на материјална неизвесност, којашто може да наметне значајно сомневање за способноста на Друштвото да продолжи врз основа на претпоставката за континуитет“, се вели во ревизијата извршена од ревизорската куќа Гранд Торнтон, објавена на веб-страницата на Македонската берза.

Би можело да ве интересира

Продолжува распродажбата на имотот на Скопски пазар

Наум Локоски

Скопски пазар продал имот по трипати пониска цена од пазарната

Наум Локоски

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Наум Локоски

Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Наум Локоски

Директорите на Скопски пазар на суд за сомнително купување сопствени акции

Наум Локоски

Се стега обрачот околу раководството на Скопски пазар

Наум Локоски