Скопски пазар продал имот по трипати пониска цена од пазарната

Од:

Првите луѓе на Скопски пазар минатата година продале деловен објект во сопственост на компанијата во Скопје по цена три и пол пати пониска од пазарната, покажува документ на компанијата од 2017 година.

Во одлуката на Управниот одбор на СП, стои дека еден од локалите кои фирмата ги поседувала во центарот на Скопје е продаден по цена од 600 евра за квадратен метар, иако пазарната цена за деловен простор е речиси три и пол пати повисока и изнесува околу 2000 евра за квадрат. Дека станува збор за, во најмала рака, чуден потег на директорите на СП, станува јасно кога ќе се погледнат други слични одлуки на Управниот одбор, во кои се гледа дека компанијата за други свои објекти во Скопје барала 2000 евра за квадрат.

Ова отвора нови прашања не само за оправданоста, туку и за законитоста на одредени деловни потези на првите луѓе на Скопски пазар во изминатите години, во ситуација кога фирмата се соочува со криза и милионски долгови. Зошто раководството го распродава имотот на компанијата по багателни цени? Дали разликата во цената, која во случајот со спорната продажба изнесува стотици илјади евра, завршила во нечиј приватен џеб, наместо во касата на фирмата? Дали директорите би постапиле на овој начин доколку на продажба би бил нивен приватен имот?

Раководството на Скопски пазар во последните 12 месеци продаде или издаде десетици недвижнини на компанијата во Скопје и низ Македонија, за да отплати дел од долговите во кои фирмата западна откако го загуби некогаш водечкото место на пазарот. Директорите одлучија да го напуштат бизнисот со супермаркети и им ги препуштија атрактивните локали на довчерашните конкуренти.
Во меѓувреме, сомнителните бизнис-потези на раководството на Скопски пазар од минатото го привлекоа вниманието на државните истражители. Скопскиот Основен Суд овој месец го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на СП за милионски криминал со акциите на компанијата.

Според обвинението, директорите на фирмата, предводени од претседателот на Управниот одбор Сашо Давитковски, во 2006-2007 година донеле одлука да се купат 14.522 од акциите на компанијата за повеќе од 85 милиони денари. Акциите веднаш потоа биле поништени, а резултатот од овој потег било зголемување на процентуалните удели на самите директори во компанијата. Во судскиот процес, кој треба да започне наскоро, Обвинителството ќе се обиде да докаже дека раководството ја оштетило фирмата за своја лична корист.

Би можело да ве интересира

Што ако првите луѓе на Скопски пазар бидат осудени за криминал со акции?

Наум Локоски

Продолжува распродажбата на имотот на Скопски пазар

Наум Локоски

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Наум Локоски

Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Наум Локоски

Директорите на Скопски пазар на суд за сомнително купување сопствени акции

Наум Локоски

Се стега обрачот околу раководството на Скопски пазар

Наум Локоски