Скопски пазар продал бараки без имотни листови

Од:

Улицата „192“ на Бит пазар е внатрешната улица која ги практично го дели пазарот од Старата чаршија и продолжува до излезот кај полициската станица. Од страната на пазарот, на самата улица, поставени се десетици монтажни објекти (бараки) кои се користат како продавници, претежно за облека. Тоа се стари, дотраени дуќани, кои фирмата Скопски пазар пред извесно време им ги продаде на дуќанџиите кои претходно ги имале под кирија. Иако поминало повеќе од година сопствениците на бараките стравуваат за имотните листови, кои, тврдат, се уште не ги немаат добиено.

-Јас со години плаќав кирија на Скопски пазар, а потоа морав да го купам дуќанот. Потрошив 100-тина илјади евра за 20 квадрати простор и видете практично каква дотраена барака имам платено со толку пари. Но, немав избор. Меѓу нас пазарџиите се прошири муабет дека ако не ги купиме ние ќе дојде инвеститор со пари и ќе ги купи сите 30-тина бараки и ќе гради нешто. Видовме – не видовме ги купивме. Но, сега неизвесно е кога ќе ни дадат имотни листови. Ние не знаеме точно што се случува, иако имаме договори дека сме ги платиле. Од она што се вртат како гласини е дека имотот прво морал да се подели за секоја барака посебно, па потоа да се дадат имотни листови, ама кој да знае?- се прашува продавачот од еден од бутиците за облека на улицата „192“.

Дел од изложената стока на овие продавачи е изложена на самиот тротоар, а веднаш до истиот тротоар, на коловозот, се поставени тезги, кои се протегаат паралелно до крајот на бараките, со што е узурпиран дел од улицата кој е наменет за возила. Во тој метеж, за да биде уште потесно, продавачите на домашен рефусен тутун, исто така се наредени на коловозот и практично едната лента е целосно затворена. Со овие продавачи тешко можете да позборувате и отворено да ви признаат некои работи затоа што голем број од нив се поставени на диво, па стравуваат за егзистенцијата и сметаат дека е подобро да молчат.

Но, затоа зборуваше еден друг продавач на облека од бараките. Неговата барака е една од неколкуте кои се условно на граничната линија која целиот ред продавници го дели според тоа- дека некои кираџии можеле да ги откупат дуќаните, но помал број не можеле затоа што ќе морале да се рушат, најверојатно заради изградбата на новиот пазар, проект кој подолго време го најавува раководството на Скопски пазар.

-Поголем број бараки се откупија, но ние десетина останавме со неизвесна судбина. Само не известија дека ние нема да можеме да ги купиме дуќаните и дека ќе продолжиме да плаќаме кирија, ама не знаеме до кога. Сега се прашуваме ако не срушат, каде ќе не сместат додека се гради пазарот? Ние не можеме да веруваме дека пазарот ќе се направи експресно затоа што со години го вртат истиот муабет и никако да го направат, го пренесе стравот искусниот дуќанџија.

На заминување некои од пазарџиите отворија уште една дилема. Деновиве слушнале дека, освен што платиле скапо за дуќаните, дека ќе мора да го откупат и земјиштето под објектите. Тоа, исто така е во сопственост на Скопски пазар, од каде сега наоѓаат разни начини како да ја полнат касата затоа што фирмата е во милионски долгови.

Дали и зошто Скопски пазар сега сака да заработи од продажба на земјата и која е вистината за имотните листови? Зошто толку скапо се продадени овие бараки и како тие ќе се вклопат во новиот проект за Бит пазар? Раковдството на Скопски пазар и овој пат избра да молчи без да ги расчисти дилемите и сомнежите на продавачите.

Би можело да ве интересира

Што ако првите луѓе на Скопски пазар бидат осудени за криминал со акции?

Наум Локоски

Продолжува распродажбата на имотот на Скопски пазар

Наум Локоски

Скопски пазар продал имот по трипати пониска цена од пазарната

Наум Локоски

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Наум Локоски

Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Наум Локоски

Директорите на Скопски пазар на суд за сомнително купување сопствени акции

Наум Локоски