Скопски пазар остана со половина вработени за само три години

Од:

Вработените во Скопски пазар стравуваат за својата иднина откако компанијата, притисната од долговите во кои се наоѓа, го напушти малопродажниот бизнис и ги продаде или издаде своите најатрактивни недвижнини во Скопје. Според извори од вработените во СП, последните случувања се само кулминација на неколкугодишните проблеми, поради кои фирмата од околу 400 вработени во 2014 година, денес спаднала на помалку од 200.

Во ситуација кога некогашниот трговски гигант ја загуби борбата на пазарот и ги продава или издава своите супермаркети и други објекти на довчерашната конкуренција, вработените велат дека со месеци се во неизвесност за своите работни места.

Компанијата сè уште не исплатила плата за декември, а според информациите од вработените, таа им должи и придонеси за повеќе месеци наназад, па тие се принудени да плаќаат приватно лекување. Еден помал дел од вработените кои успеале да најдат друга работа заминале самоиницијативно, додека дел од работниците морале да завршат и како технолошки вишок. Околу 80 вработени се префрлени на работа водвете компании кои сега ги изнајмуваат маркетите на СП – ЗУР и Кит-го.

Во последните финансиски извештаи на Скопски пазар е пријавена минимална заработка, а за само девет месеци од минатата година, приходите од продажба на СП паднале за 23 отсто. Од 2014 до 2017 година, компанијата загубила 60 проценти од своето пазарно учество.

Лани, компанијата Современ дом од Прилеп, која најави влез и санирање на состојбите во Скопски Пазар и стана најголем негов поединечен акционер, ја разниша доминацијата на актуелното раководство, семејството Давитковски. Дел од вработените велат дека тоа што првите луѓе на компанијата предводена од Сашо Давитковски сега масовно го рапродаваат и издаваат атрактивниот имот, е поврзано со влезот на Современ дом во СП. Според нашите извори, сомневањата се дека парите од продажбата на недвижнинитевсушност завршуваат за откуп на акции од страна наактуелното раководство, кое се обидува да ја задржи контролата врз Скопски пазар.

Минатата недела, компанијата ја извести Македонската берза дека финансиските извештаи за 2017 година ќе ги објави најдоцна до 15 март. Вработените велат дека голем дел од дилемите поврзани со иднината на Скопски пазар ќе се расчистат во наредните месеци, кога претстои Собранието на акционери. Според нив, поднесените тужби и кривични пријави против раководството на СП значително ќе влијаат на одлуката на акционерите – на која од двете главни фракции да ги доверат акциите.

Би можело да ве интересира

Што ако првите луѓе на Скопски пазар бидат осудени за криминал со акции?

Наум Локоски

Продолжува распродажбата на имотот на Скопски пазар

Наум Локоски

Скопски пазар продал имот по трипати пониска цена од пазарната

Наум Локоски

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Наум Локоски

Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Наум Локоски

Директорите на Скопски пазар на суд за сомнително купување сопствени акции

Наум Локоски