Скопски пазар истиснат од бизнисот со супермаркети, а најавува инвестиции?

Од:

Една од најголемите трговски марки во земјава, Скопски пазар, во изминативе неколку месеци целосно се повлекува од бизнисот со супермаркети и ги издава или продава сите свои објекти во Скопје и низ државата.

Сите 15 СП и Макси-Д маркети во Скопје се затворени и веќе издадени на двајца довечерашни конкуренти на Скопски пазар – Зур и Кит-Го, потврдила компанијата за некои медиуми. На веб-страницата на СП се објавени огласи за издавање или продажба на повеќе преостанати атрактивни локали на компанијата. Последниот таков оглас е објавен на почетокот на февруари, а претходно имало неколку и низ 2017 година.

Некогаш важен играч во малопродажниот бизнис, Скопски пазар во последниве години тешко излегуваше на крај со жестоката конкуренција. Во трговијата на мало, која во земјава е постојано во пораст, најголемите ланци маркети бележат годишни приходи и до 100 милиони евра, а постојано се појавуваат нови компании кои им конкурираат на етаблираните играчи на пазарот. Во ваков амбиент, СП не успеа да опстане и сега, принуден од слабите резултати и од својата неконкурентност на пазарот, се решава да се ослободи од поголемиот дел од имотот.

Некогашниот СП маркет во комплексот на компанијата кај пазарчето во скопската населба Тафталиџе е затворен и заграден. Овој атрактивен простор, како што се дознава, е издаден на компанијата Кит-го, која досега главно беше активна во источна Македонија. Во огласите на веб-страницата на Скопски пазар го нема овој можеби најголем маркет на компанијата.

И маркетот на Скопски пазар во населбата Мичурин неодамна беше затворен. Таму сè уште стојат ознаките на компанијата, а внатре се оставени рафтовите со некои производи. Пребарувајќи по огласите, наидовме на локалот со големина од 120 квадрати, кој се издава за 52.000 денари месечна кирија. Слична судбина доживуваат и сите други СП и Макси-Д маркети.

Компанијата на почетокот на годинава ја известила Македонската берза дека затвора 10 маркети. СП продава и издава свои локали и во Битола, Кавадарци, Ресен и Охрид, па очигледно е дека се работи за операција од поголем размер.

Деновиве во јавноста се појавија информации дека СП наводно планира парите од продажбата и издавањето на локалите да ги искористи за реновирање на скопскиот Бит пазар. Сепак, извори во компанијата велат дека првите луѓе на СП, предводени од Сашо Давитковски, веќе 10 години најавуваат слични потези, но тоа никогаш не се исполнило, а акционерите и вработените, заедно со пазарџиите, биле извисени.

Во сегашната ситуација во која компанијата, притисната од растечките долгови кон банките и добавувачите, го издава и продава својот имот, најавите од раководството за инвестиции одновно се чинат нереални.

Давитковски вели дека ослободувањето од имотот и инвестициите не се поврзани.

„Не можам сега да откривам како ќе го градиме пазарот, од кои средства, но си имаме начини и извори како тоа да го направиме. Не знам зошто мора да се поврзува продажбата на имотот на СП со новата инвестиција. Продажбата на маркетите и нивното затворање се должи на политиката на компанијата која процени дека има штети во секторот трговија и затоа пристапивме кон тоа. Но, голем дел од маркетите ги презедоа трговски компании и ги презедоа нашите вработени. Така што тој дел си е едно, а ова со пазарот е друго,“ вели првиот човек на СП.

Во меѓувреме, сопственици на продавници на Бит Пазар поднеле приговори во општина Чаир против дозволата за градба, барајќи решение на нивниот статус и начин за заработка додека пазарот се гради.

„Реакцијата на сопствениците мислам дека е под нечие влијание затоа што тие имаа можност да реагираат кога ние имавме јавна презентација на проектот. Сега можеме да излеземе во пресрет со тоа што пазарот наместо наеднаш, да го градиме во четири дела, па така делови од него да останат да функционираат. Има многу шпекулации кои стигаат до пазарџиите и тие се исплашени,“ вели Давитковски.

Инаку, почетоците на Скопски пазар датираат од 1952 година. Компанијата го отворила својот прв супермаркет во Скопје во 1998 година, по што следуваат годините кога СП се шири на пазарот и инвестира во изградба на деловни центри и објекти во Скопје и низ државата. Но, пред неколку години компанијата почна да бележи пад на добивката, да ги затвора маркетите и да го намалува бројот на вработените, за да стигне до денешната состојба, кога повеќе не управува со ниту еден од 15-те некогашни маркети во Скопје.

Би можело да ве интересира

Што ако првите луѓе на Скопски пазар бидат осудени за криминал со акции?

Наум Локоски

Продолжува распродажбата на имотот на Скопски пазар

Наум Локоски

Скопски пазар продал имот по трипати пониска цена од пазарната

Наум Локоски

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Наум Локоски

Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Наум Локоски

Директорите на Скопски пазар на суд за сомнително купување сопствени акции

Наум Локоски