ВИДЕО: Семејство заспива со змии и глувци, јадат од контејнери и немаат здравствено осигурување

Од:

Заборавени од општеството и цивилизацијата, семејството Доневи од струмичкото село Дражево преживуваат во нечовечки услови. Таткото Стоил заедно со сопругата Нетка и двете ќерки Марина и Душка оставени на милост и немилост секој ден се будат со помислата дали ќе го преживеат денот.

Ова семејство нема здравствено осигурување, помалата ќерка, Душка, има здравствени проблеми и за краток период мора да оди на операција која нејзините родители не можат да ја платат.

Стоил и Нетка веќе подолг период бараат помош од државата, соседите и пријателите во Струмица, но сè уште се далеку од сумата што им е потребна.

Родното село на семејството Доневи се наоѓа 28 километри источно од Струмица, веднаш до границата со Република Бугарија.

20-годишните Марина и Душка заедно со својот татко секој ден патуваат до Струмица каде што од контејнерите собираат пластични шишиња и железо кои потоа го продаваат во отпадот за да заработат парче леб.

Куќата во која живее ова социјално загрозено семејство е во катастрофална состојба, потопените ѕидови во секој момент може да се срушат и да паднат врз нив. Низ дупките на стариот и дотраен покрив на куќата, која се распаѓа, може да се види небото над Држево.

При секој пороен дожд целиот дом на Доневи е преплавен, ова семејство практично живее под отворено небо.

Змиите и глувците се редовни гости во домот на Доневи.

Тие се принудени да спијат со запалено светло за да не станат жртви на непоканетите посетители кои слободно влегуваат и излегуваат низ бројните дупки на ѕидовите во куќата.

„Она малку храна што ја купуваме со парите од пластичните шишиња и железото ја јадат глувците и змиите, куќата е во лоша состојба и се распаѓа. Немаме ниту тоалет, нужникот ни е надвор, позади куќата, немаме јама, немаме средства за хигиена, едноставно немаме основни услови за живот“, вели за А1он, Стоил Донев.

Шеесет и четиригодишниот Стоил поседува ниви, но е неспособен и не може да ги работи, а како што вели, не може ниту да ги продаде. Нивите кои ги поседува уште од своите предци биле причина социјалната парична помош која Доневи ја добивале да биде намалена.

Пред неколку години тие добивале 6 илјади денари социјална парична помош, но откако државата видела дека Стоил поседува ниви, паричната помош веднаш им била скратена на 2 илјади денари, кои не се доволни ниту за месечните сметки.

Доневи немаат ниту функционален шпорет на кој можат да подготват храна и да се топлат во зимскиот период. Шпоретот што го имаат е најден во некој од струмичките контејнери, работи делумно и не е безбеден, може да се запали и да предизвика пожар во и така руинираната куќа.

Ова семејство нема основи услови за живот и има потреба практично од сè, од средства за лична хигиена до поправка на куќата.

Конкретно, на Доневи најпотребна им е храна, топла облека и обувки, машки, број 41, женски, 39 и 40.

Градежни услуги за репарирање на куќата, плочки, паркет, санитарии, мебел, фрижидер, електричен шпорет или шпорет на дрва, кујна, садови и прибор за јадење, кебиња, јоргани, перници и постелнина.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Царовска: Доневи мора да имаат шанса да се одлепат од дното, да добијат поддршка која ќе им го врати достоинството

Ана Ололовска