Со стратегија ќе се утврдуваат услугите и производите кои им се потребни на инвеститорите во Македонија во наредните пет до 10 години за да се зголеми учеството на домашните фирми како нивни добавувачи. Дополнително тоа треба да придонесе за зголемување на извозот и на нови вработувања
Потребите на инвеститорите, независно дали се домашни или странски, ќе се анализираат на билатерални средби и бизнис форум в четврток, на иницијатива на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, со поддршка на Владата.
Анализите на Советот покажале дека странските инвеститори во Македонија, особено во технолошко индустриските развојни зони, многу малку ги користат услугите и производите на домашните компании. Кај инвеститорите има желба за тоа, но, како што вели Ирена Јакимовска, член на Советот на странски инвеститори, сакаат да набавуваат стоки и услуги под одредени стандарди на квалитет и спецификации за да може да ги пласираат на европските пазари.
– Позитивната страна за странските инвститори е тоа што услугите и производите ќе може да ги набавуваат од непосредна близина, под потребни стандарди и услови и ќе ги избегнат царинските и други процедури за одложено доаѓање стока или нејзино чување во големи количини. Домашните потенцијални инвеститори пак ќе ги постигнат стандардите на процесот на производство или сервисирање услуги кои се потребни за да може да бидат специфицирани за да ги доставуваат стоките и услугите на европскиот пазар, рече денеска на прес-конференција Јакимовска.