Во недела на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово, Прилеп по петти пат ќе се одржи меѓународната мото-крос трка насловена „Storm Riders 2017“ и се е подготвено за тренинзите и натпреварувањата, нагласија од клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп на денешната прес конференција која се одржа на терените каде ќе се одвиваат натпреварите.
Според Златко Спиркоски, секретар на клубот се е подговено за утрешните тренинзи и за натпреварите в недела.
– Ја подготвивме патеката на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово. Подготвена е за утрешниот тренинг и за натпреварот во недела. Очекуваме 30-ина натпреварувачи од Србија, Бугарија, Грција, Албанија и од Македонија. Трката годинава е од ревијален карактер, бидејќи доцниме и не влеговме во официјалниот календар за натпреварувања, вели Спиркоски.
Ѓорѓи Манчески, претседател на Клубот вели дека овој и другите екстремни спортови привлекуваат публика и од странство, а прилепскиот дел на Пелагонија го нарекуваат магична.
– Патеката е одлична. На овој полигон недостасува уште дел за кампирање и електрична енергија и некои мали придружни објекти и во нарениот период тоа ќе го направиме. Клубот „Skyriders“ меѓународната мотокрос трка ја организира по петти пат. Ја имаме традиционалната поддршка од локалната самоуправа и на тоа сум благодарен. Ги покануваме прилепчани и гостите од цела Македонија да дојдат в недела, трката почнува од 10.30 часот и ќе има многу возбудувања и да уживаат во вештините на возачите. Гостите и туристите кои доаѓаат во Прилеп знаат дека градот е одлична дестинација за екстремните спортови и овој вид туризам. Покрај мото кросот, тука се искачувањата по карпи, болдерингот, трките, планинскиот велосипедизам, натпреварувањата со џипови. Инаку, во состав на клубот имаме „downfill“ спуштањата по карпи со велосипеди, параглајдингот, планинските трки. Во светот е познат авантуристичкиот туризам, а нашиот регион е посебно податлив за тоа. Особено летањето. Пелагонија странските туристи ја нарекуваат магична, вели Манчески.
Утре е тренинг-ден за натпреварувачите а в недела од 10.30 часот се натпреварите. Трката има четири категории : MX1, MX2, MX3 и OPEN CLASS.