Делегација на Инвест Македонија предводена од заменик извршниот директор Игор Трајановски, а придружувана од директорот на Меѓународната канцеларија „ФМ Консалтинг“ Фатос Мустафа вчера и денеска престојува во официјална посета на Тирана, каде има средби со претставници на Владата, но и со лидерите на институциите за поддршка на претприемништвото, како и успешни албански бизнисмени.
Целта на посетата е разгледување на можностите за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји, како и размена на позитивни искуства за економската дипломатија, која се повеќе помага за зголемување на директните инвестиции. Предвидено е да се одржат средби со потпретседателот на Трговската и индустриската комора на Тирана, Арбен Шкодра и членови на Комората, како и со успешни претприемачи, како претседателот на Фу Фарма, Исуф Бербери, претседателот на Маре Адриатик, Марк Бабани и други.
– Македонија и Албанија, како блиски соседни земји, имаат потреба од взаемни врски кои се од интерес за двете земји. Еден од начините на кој можеме да ја зголемиме оваа соработка е преку тековната организација на заеднички посети, како со претставниците на владите, така и со бизнис заедницата, за подобро запознавање на потенцијалите. Македонија спроведува успешен модел за технолошки индустриски развојни зони, како и нуди субвенции и даночни олеснувања за нови инвестиции. Албанија нуди излез на море и стратешки поморски пристаништа, како што се Драч, Валона, Саранда, Шенѓин,… изјави Мустафа.
Тој смета дека Македонија и Албанија треба да работат за создавање на заеднички пазар за инвестиции, трговија и туризам.
– За „ФМ Консалтинг“ овие средби меѓу претставниците на двете влади и бизнисот се најдобриот пример за тоа како Македонија и Албанија треба понатаму да ја унапредуваат соработката за да ги зајакнат своите позиции и да гарантираат поголема конкурентност и поповолна клима за претприемништвото во сите области од заеднички интерес, потенцира Мустафа.
Делегацијата од Македонија ќе има можност да оствари средби и со вицепремиерот Сенида Меси, министерот за заштита на претприемништвото Сонила Ќато, министерот за туризам и животна средина Бленди Клоси, заменик-министерот за Европа и надворешни работи Етјен Џафај, заменик-министерот за земјоделство и рурален развој Илир Халилај, директорот на Кабинетот на министерот за финансии и економија Ервин Мете, заменик-министерот за финансии и економија Албана Шкурта, извршниот Директор на АИДА Брисида Шехај и со економскиот директор на општина Тирана Енкелејд Мусабелиу.