Федерацијата на фармери на Македонија (ФФРМ), која ги застапува земјоделците со мали површини, смета дека минималната цена за откуп на пченицата по килограм треба да биде 12 денари и го поддржува предлогот за интервентен откуп по оваа цена за килограм.
На ваков начин, вели ФФРМ, ќе се заштитат малите производители на пченица, кои во најголем дел ја произведуваат пченицата, односно од вкупно 105.061 земјоделски стопанства, 104.853 се земјоделци кои произведуваат пченица на површина од еден до три хектари.
Според ФФРМ, законски треба да се смени и датумот за интервентен откуп на пченицата и тој да биде од први јули кога е жетвата и кога започнува откупот.
За транспарентно работење на Агенцијата на стоковни резерви, од ФФРМ бараат измени на членот 43 од Законот за земјоделство и рурален развој и се предлага наместо директорот на Агенцијата да донесува решение за избор на понудувачи, да се формира комисија во која ќе учествуват претставници од земјоделските здруженија и стопанските комори.
Овие барања, како што информира ФФРМ, писмено се доставени на 5 јуни до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до стопанските комори.
Според статистичките податоци, вкупната површина под жита е 67 проценти од вкупната површина под ораници и бавчи, а пченицата учествува со 34,2 проценти. Во вкупната вредност на земјоделското производство пченицата учествува до 12 проценти.