Граѓанската иницијатива 5 до 12 и овој месец повторно од утре и во наредните два дена ќе организира кампување во паркот „Жена – Борец“, со цел, како што информираа од иницијативата, лицата со попреченост, хендикеп или посебни потреби да останат во фокусот на јавноста и да ги наметнат своите приоритети на Собранието и Владата на Република Македонија.
Сузана Стојановска, член на Координативното тело на Иницијативата изјави дека за време на кампот ќе се одржат и работилници за родители на децата со посебни потреби на кои ќе се направат дополнителни консултации во врска со нивните барања.
– Тука сме и ќе останеме тука за да не види јавноста и пратениците во Собранието да ги стават нашите барања како приоритети. Ја повикуваме мекедонската јавност да ни даде поддршка, како и родителите на децата со посебни потреби да се приклучат на работилниците, да ги разгледаме повторно уште еднаш барањата и ако има некој нешто да дополни. Ги повикуваме и ресорните министерства или нивните претставници да дојдат одблизу да се запознаат со родителите и да ги слушнат нивните барања и проблеми, рече Стојановска.
Таа информира дека утре имаат состанок со министерката за труд и социјална политика, а во наредните два дена ќе се обидат да ги посетат претставници и од министерставта за здравство и за образование, каде посочува дека се потребни реформи.
Во однос на нивните барања како приоритетни, но вели, не и конечни, ги издвои: да се избрише границата од 26 години од законите за труд и социјална политика и за здравство, самохраните родители првично при ревидирање на буџетот да се изедначат со згрижувачките, а со буџетот за 2018 биолошките семејства да се изедначат со згрижувачките. Бараат и народен правобранител за лица со посебни потреби.
Александар Петровски, претседател на Здружението „Раст“ и дел од иницијативата 5 до 12, упати повик до сите заинтересирани лица со посебни потреби и до сите здруженија на граѓани да дадат придонес за дополнување на законските и подзаконските акти во интерес на сите.
Предвидено е Кампот, во периодот од 18 до 20 часот, да има интерактивни содржини од областа на музиката, цртањето, спортот, како и други активности за дружење на децата.
– Ги покануваме сите родители или нивните баби да ги изнесат децата заедно со нашите деца да поиграме бидејќи навистина имаме што да покажеме, рече Суларет Алишан од Граѓанската иницијатива 5 до 12.