Со лична асистенција до полесно функционирање на лицата со хендикеп

Од:

Образовниот процес и прилагодување на работното место се само дел од местата на кои лицата со хендикеп имаат потреба од лична асистенција. Ова денеска беше истакнато на почетокот на кампањата „Заедничко дејствување за подобар и квалитетен живот на лицата со посебни потреби“ во организација на Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус и Здружението на студенти и младинци со хендикеп.

Мери Трпеска од Здужението на студенти и младинци со хендикеп истакна дека со кампањите сакаат да ја подигнат свеста за лицата со посебни потреби и дека токму денешната тема треба да ја претстави потребата од лична асистенција во разни области на општественото живеење на тие лица.

Појасни дека инвалидизираните лица најмногу потреба од лична асистенција имаат во образовниот процес за следење на наставата, обавување на административните обврски во институциите, на работното место, односно прилагодување на ново работното место и во извршување на секојдневните лични потреби и обврски.

Од ПРЕДА Плус информираат дека дел од земјите членки на Европска Унија имаат позитивни примери за практики на лична асистенција на лица со посебни потреби. Во рамки на проектот „Градење на капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија” имплементиран од ПРЕДА Плус во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп, тие ја разгледуваат и состојбата на оваа тема во Македонија.

Според нивните истражувања во Македонија, комплементарен облик на личната асистенција е опфатен во Законот за социјална заштита, каде се уредува член за помош и нега од трето лице. Овој облик на лична асистенција претставува финансиска поддршка од државата кој се однесува за повеќе хетерогена категорија на граѓани. Ваквата форма претставува финансиска поддршка која најчесто се користи како додаток во буџетите за семејство, но не и за задоволување на социо-емоционалните потреби на лицето со посебни потреби.

Според статистички податоци од 2015 во Македонија, невработеноста на лицата со посебни потреби според нивниот образовен статус, евидентира проблем со нивно ниско образовно ниво, каде 54 проценти од лицата со посебни потреби имаат завршено само основно образование, а 20 отсто се со непотполно средно образование.

Од ПРЕДА Плус алармираат дека токму поради овој низок степен на образование на лицата со посебни потреби, кој изнесува три четвртини од невработените лица со хендикеп, потребно е итно преземање на системски мерки за справување со овој проблем.

Лична асистенција подразбира добивање помош и поддршка на лице со посебни потреби од некое друго лице и тоа во разни области: во текот на извршување на секојдневните потреби, следење на образовниот процес, на работно место. Личната асистенција го намалува степенот на зависност од членови на семејството и му овозможува на лицето со посебни потреби подобрување на социо-емоционалниот живот. Преку процесот на лична асистенција на лицата со попреченост им се овозможува рамноправно учество во општеството како и останатите граѓани.

Би можело да ве интересира

Лицата со хендикеп бараат пристапност до здравствените објекти, подобра едукација на лекарите и квалитетни ортопедски помагала

Ана Ололовска

Дебата „Состојбите и предизвиците во остварувањето на правото на здравствена заштита на лицата со хендикеп“

Ана Ололовска

Формиран Центар за вработување лица со хендикеп

Ана Ололовска

Конференција за социјално претприемништво за вработување лица со хендикеп

Наум Локоски

Родителите на деца со посебни потреби бараат итно решавање на проблемите со кои се соочуваат

Ана Ололовска

Преда плус: Ограничен пристапот до здравствени услуги за лицата со посебни потреби

Ана Ололовска