Француската репрезентативка Амандин Лејно и во следните две сезони ќе биде на голот на Вардар. Договорот со Лејно е потпишан до јуни 2019 година.
– Таа е еден од столбовите во одбраната на нашиот тим, и заслужено повеќепати беше избирана за дел од идеалниот тим на колото во ЛШ, или пак имаше некоја одбрана со која сите ги воодушевуваше. Со потписот на Лејно, Вардар го задржа речиси целиот тим од сезонава, и со новите засилувања повторно ќе биде еден од главните фаворити во лигата на шампионите, соопштија од ЖРК Вардар.
Задоволство од продолжување на соработката со Лејно искажа и Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
– Од самото доаѓање Лејно стана миленичка на сите наши навивачи, а со своите игри ги освои срцата на оние на кои што Вардар им е омилениот клуб. Заедно со неа се радувавме на најголемите клупски успеси, и сакаме заедно да се искачиме и на местата каде досега не сме стигнале. Веруваме дека во следниот период ќе имаме уште многу заеднички моменти за славење и уживање, изјави Стојановски.
Лејно пред три сезони дојде во Вардар со што почна и искачувањето на „црвено-црните” на европското небо. Трипати досега ја освојуваше бронзата на Ф4 турнирот во лигата на шампионите како дел од Вардар, и три титули и три куп трофеи во Македонија.