Се одбележува Светскиот ден за поддршка на лицата со епилепсија

Од:

По повод 26 март, Светскиот ден за поддршка на лицата со епилепсија, денеска и утре Здружението на граѓани за лица со епилепсија и родители на деца со епилепија „Епилепсија Македонија“ во соработка со Лигата за борба против епилепсија на Македонија на три локации го одбележува „Виолетовиот ден“ за подигање на сеста кај граѓаните за прифаќање на лицата со епилепсија.

На плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп денеска членовите на Здружението „Епилепсија Македонија“ делеа флаери, отворија кутија со донации и им укажуваа на граѓаните за епилепсијата.

Според Дејан Бунески, претседател на Здружението „Епилепсија Македонија“, Светскиот ден во Прилеп и Македонија се одбележува по четврти пат, а во светот од 2008 година во што се вклучени 100 земји меѓу кои и Македонија.

Според методологија на Светската здравствена организација, посочи Бунески, во Македонија има 25 000 лица со епилепсија. Нагласи дека во Прилеп нивниот број изнесува 750.

– Годинашново одбележување на Светскиот ден за поддршка на лицата со епилепсија е под мотото „Твојата промена може да направи промена“. Во одбележувањето преовладува виолетовата боја која ја искажува поддршката кон лицата со епилепсија. Денес на граѓаните им делиме едукативен материјал. Се надеваме на поддршка од граѓаните, денеска во Прилеп, а утре во Битола и во Скопје. Слоганот за одбележувањето не е случаен, зашто треба ние, како општество да се промениме и да ги поддржиме овие лица, истакна Бунески.

Појасни дека проблемот не е само медицински и со напредокот на науката епилепсијата се лекува, но треба да се излекува социолошкиот проблем, да има поддршка од институциите, зашто лицата со епилепсија немаат надомест, а поддршката треба да биде и во работните средини.

Триесет и двегодишната Билјана Петковска од Битола од третата до 14 година од животот, во текот на основното образование имала епилепсија, но и непријатно искуство.

– Наставниците и педагозите не сакаа да преземат одговорност, ги убедуваа родителите дека треба да учам во специјално училиште. Но, за среќа родителите не подлегнаа на притисоците, зашто јас може нормално да посетувам настава. Така и беше. Сега немам епилепсија, но порачувам дека односот треба да се смени уште во образовниот систем, па и средината да ја покаже поддршката, рече Петковска, која поднела апликација и била прифатена од Светската организација за поддршка на лицата со епилепсија за да биде амбасадор за „Виолетовиот ден“ во Македонија.

Светскиот ден за поддршка на лицата со епилепсија утре ќе се одбележи и во Битола и во Скопје. Во Битола од 11 часот на „Широк сокак“ (пред Веро), а во Скопје од 12 часот на плоштад „Македонија“.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп ќе се одбележи Светскиот ден за поддршка на лицата со епилепсија

Ана Ололовска