„Недозволиво е градежната фирма Жикол наместо да се извини за тешкиот престап со кој неколку денови ги уништуваше изворите за вода за пиење во село Волковија преку соопштение за јавноста да лаже и манипулира со фактите. Градежната фирма имаше внесено во самото извориште тешка механизација која отвараше пат низ самиот извор и други бушилици, багери и камиони. Водата беше целосно заматена, истурени вреќи со цемент и други хемикалии, остатоци од конзерви и друг шут се наоѓаа во извор за вода за пиење, а истото со увид на лице место го утврди и полицијата, како и многуте новинарски екипи.
Токму поради недозволеноста за ваквите активности како и нивната опасност тие беа присилно сопрени од населението и полицијата. Жикол исто така лаже кога вели дека не направил штета врз столетна дабова шума на црковниот имот на манастирот Св. Георгиј Победоносец, бидејќи истото е повеќе пати пријавувано во полиција и за секој инцидент постои записник.
Изворите, цевководниот систем, пумпниот сиситем како и резервоарите и целосно чистата животна средина ја одржуваат овие жители без ничија помош, ниту една компанија својата тендерска заработка нема да ја добива врз нашиот грб, оставајќи зад себе далекусежно штетни последици врз недолжно и чесно население. Очекуваме заштита од институциите, а градежната фирма Жикол соодветно да одговара“, се вели во демантот на жителите на село Волковија.