Двојната програма на натпревари од Лигата на шампионите во ракомет во Скопје викендот ќе ја надополнат и ракометарките на ЖРК Вардар. Тие во рамките на дуелот од 8. коло од главната фаза је пречекуваат екипата на Будуќност, традиционално незгоден ривал.
На првиот дуел на овие два тима одигран во Подгорица, ЖРК Вардар оствари победа од 31:28.
– Работиме напорно овие денови со цел максимално подготвени да влеземе во натпреварот и да постигнеме победа. Будуќност секако дека ќе сака да ни се реваншира за поразот на нивни терен, но ние знаеме како да им се спортивставиме пред се на нивната бековска линија, изјави на денешната прес конференција Андреа Кликовац.
Тренерот на „вардарки“ Давид Дејвис најавува неизвесен натпревар:
– Тренираме добро изминативе денови. Мислам дека ќе биде тежок натпревар. Тие ќе играат без притисок, а тоа ќе биде опасно за нас, рече Дејвис.
Претседателот на клубот Гордана Нацева потенцираше дека екипата е во добра форма и очекува серијата победи да продолжи, а за исходот на дуелот најважен ќе биде пристапот на ракометарките на ЖРК Вардар.
Поради повреда кај ЖРК Вардар надвор од тимот е Андреа Човиќ и се очекува таа да отсуствува околу два месеца. Во клубот прават напор на најзино место да биде ангажирана Марија Петровиќ, која доколку потпише договор право на настап ќе има дури во четвртфиналето.
Натпреварот ЖРК Вардар – Будуќност се игра во недела со почеток во 17:30 часот.