Коалицијата ВМРО за Македонија во целост ја поддржува декларацијата за ефективни здравствени политики за млади лекари и докторите специјализанти во Република Македонија предложена од Асоцијација на специјализанти и млади лекари.
– Коалицијата ВМРО за Македонија ги препознава заложбите на Асоцијација на специјализанти и млади лекари ги подобрат условите и правата кои ги имаат младите лекари и специјализанти кои се на многу ниско ниво како и општите услови во нашето здравство. Младите лекари и специјализанти се едни од клучните алки на нашиот моментален здравствен систем од примарното, па се до секундарното и терциерното здравство, се вели во денешното соопштение од коалицијата.
Недозволиво е, се наведува во соопштението, специјализантите на приватна специјализација и покрај тоа што плаќаат за својата едукација и секојдневно одат на работа и ги извршуваат своите работни обврски да не добиваат соодветна плата.
– Недозволиво е специјализантите на државна специјализација да се приморани да потпишуваат договори за лојалност со болниците на 10 или 15 години покриени со меници од над 100.000 евра. Неприфатливо е видеоснимањето и емитувањето во живо преку интернет за време на колоквиумите и испитите како и губење на специјализацијата при боледување подолго од 12 месеци или породилно подолго од 24 месеци, велат од коалицијата ВМРО за Македонија.