Привремената комисија за следење на медиумското претставување ја прекина својата денешна седница, на која се разгледуваа извештаите за известувањето во осмиот 10-дневен циклус.
Седницата беше прекината откако Комисијата со мнозинство од три гласа наспроти два реши да поведе прекршочна постапка против телевизија Сител која се однесува на балансираноста на известувањето.
Членови на Комисијата побараа седницата да се одложи за вторник, и покренаа прашања околу стручните извештаи подготвени од Програмскиот сектор на Агенцијата за медиуми и стандардите по кои се води Привремената комисија при своето гласање.
Претходно, Комисијата го отфрли предлогот за поведување прекршочна постапка за телевизија Алсат поради неизбалансираност во минутажата одвоена за политичките партии, а гласаше и да не се поведуваат постапки за Радио Слободна Македонија, Канал 77, ТВ Арт, Наша ТВ и за програмските сервиси на МРТВ.
