Добитници на награди од ист ранг на деветтото издание на Скопје Постер Фестивал се Мигуел Ангел Рангел од Мексико и Река Немеди Варга од Унгарија.
Победниците на овогодинешното издание на фестивалот беа прогласени синоќа во Музеј на Град Скопје. Двете специјални награди од жири комисијата беа доделени на Шујун Лиу од Кина и Дикле Јилдирим од Турција.
Организаторот на настанот и претседател на здружението „ПлакАрт“ Гере Трипков, рече дека темата на овогодинешниот конкурс е „Криза на идентитет“.
– Сметавме дека темата е актуелна во целиот свет, а тоа го покажа и бројката од 33-процентно зголемување на пристигнати дела во однос на минатите години, како и разноликоста на учесниците. Делата од сите континенти се доказ за големиот интерес за темата и овој вид на уметност, рече Трипков.
Жири комисијата, како што соопшти организаторот, составена од пет меѓународни судии Мишел Буве од Франција, Фонс Хикман од Германија, Фин Нигард од Данска, Ришард Каја од Полска и Тони Васиќ од Македонија, додели вкупно десет награди, и тоа две главни награди од ист ранг, две специјални награди и шест почесни награди.
Почесни признанија добија Кај Јуниј / Зежун Шан / Уанг од САД, Кајли Димик од САД, Лазар Митровиќ од Србија, Инес Филипа да Коста Пимента Кардосо од Португалија, Никола Марфи од Обединето Кралство и Карол Шчепанкиевич од Полска.
Фестивалските денови продолжуваат со презентации и работилници од светски реномираните предавачи, чии дела се наоѓаат по светските музеи, на теми „Македонија како туристичка дестинација“, „Дизајнирај влијателен социјален плакат“, „Плакат, уметност од улицата“ и „Дизајнирање постер за џез настан“.
Изложбата на плакати во Музеј на Град Скопје ќе биде поставена до 30. ноември.