Прифаќањето и почитувањето на различностите е најважен сегмент во едно современо општество. Ова беше порачано на промотивната кампања „Со почит“, на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби, што денеска се одржа во Крива Паланка.
– Вистинските пречки со кои се соочуваат лицата со попреченост не се во нивната состојба, туку се во однесувањето на луѓето, просторот и во општеството, изјави регионалниот координатор на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби Бранкица Димитровска.
Таа истакна дека главната порака е да се разбере попреченоста и да се срушат предрасудите.
– Главна порака до нашите сограѓани, особено до младите и лицата кои се занимаваат со јавна работа е дека сите се должни да внимаваат на своето изразување при јавни настапи и излагања. Да внимаваат какви зборови ќе употребуваат и какви споредби ќе направат, со оглед на тоа што директно учествуваат во формирањето на јавната свест на едно општество во кое потполно еднакво припаѓаат и лицата со каква било попреченост и нивните семејства. Токму заради ова нивната одговороност е уште поголема. Лицата со посебни потреби имаат право на достоинствен и квалитетен живот, бидејќи тие се дел од нас, дополни Димитровска.
Таа потсети дека Ресурсниот центар во своите сервиси вклучува поддршка, помош, пристап до информации, обезбедување и остварување на правата на лицата со посебни потреби.
Во Крива Паланка се собираа и потписи за иницијатива за измени и дополнување на Законот за лица со посебни потреби.