Русија ќе преземе воени мерки во случај борците на групата Исламска држава од ирачкиот град Мосул да се префрлат во Сирија, изјави денеска рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, цитиран од ТАСС.
-Мосул е голем град, со население од 1,5 милион жители, ако не и повеќе, рече Лавров.
„Се разбира, ние ја следиме оваа операција, затоа што сите сме заинтересирани за уништување на таканаречнета Исламска држава“, забележа тој.
Лавров изјави дека Мосул во моментов не е целосно опколен и дека не знае од кои причина е тоа така.
-Можно е едноставно да не можеле, изјави тој.
Лавров изрази надеж дека тоа се должи на неможноста, а не на целни дејствија.
-Овој коридор што се задржува, сепак, создава ризици Исламска држава да замине од ирачкиот град Мосул за Сирија, рече тој.
„Се разбира, ние ќе ја оцениме ситуацијата и ќе донесеме како политички, така и воени одлуки, доколку тоа се случи, доколку во Сирија, каде нашата (воена) група дејствува на молба од законската Влада, се појавуваат дополнителни контингенти на Исламска држава“, посочи тој.
Рускиот министер за надворешни работи, исто така, кажа дека неговата земја се надева дека внимание на овој факт ќе посвети и коалицијата на САД, која активно учествува во операцијата во Мосул.
Операцијата во ирачкиот град нема да биде едноставна, предвидува тој и го потенцираше постоењето на соперништво меѓу силите кои учествуваат во заземањето на градот со своите војски.