„Made to Break“ и скандинавците „The Thing“ за третата вечер на СЏФ

Од:

Два врвни авангардни џез состави – американскиот квартет „Made to Break“ и скандинавското трио „The Thing“ се вечер на програмата на Скопскиот џез фестивал (СЏФ) во Македонскиот народен театар (МНТ), додека полноќниот термин е резервиран за македонскиот состав Гоце Стевковски септет кој ќе настапи во Сити хол центарот со гостинот Џијан Емин.

Како што стои во публикацијата на СЏФ, ниту една група се нема обидено да ги спои звуците на слободната импровизација, фанкот и електрониката пред Кен Вандермарк да го основа квартетот „Made to Break“. „Made to Break“ е најрадикалниот состав на овој саксофонист и композитор кој во својата интерпретација ги комбинира музиката од Етиопија и The Ex со новите идеи на Џон Кејџ и Мортон Фелдман и со своето гледиште за џезот и историјата на музичките импровизации.

„The Thing“, едно од модерните чуда на авангардниот џез и синоним за современата независна музика, свири материјали од П.Џ. Харви, The Sonics, The Cramps, The Stooges, Стив Лејси,… Саксофонистот Матс Густафсон, басистот Ингебрикт Хакер Флатен и тапанарот Пол Нилсен – Лав, по над 600 концерти низ светот, пет студиски албуми меѓу кои и изданието со Нене Шери, како и бројните изданија од настапите во живо, ја преобразија музиката на овие уметници во современ контекст, давајќи и свој печат.

Тапанарот Гоце Стевковски е познат по неговата работа со „Егзија“ на Бодан Арсовски, „Архангел“, „Леб и сол“, „Проект Жлуст“, „ДНО“ и по многу помали џез проекти. Со Гоце Стевковски септет му успева да изведе впечатлив потфат, намамувајќи неколкумина млади дувачи да работат рамо до рамо со прекалени џез ветерани. Дебитантскиот албум на групата „Седум приказни“ е ретко остварување: постхард боп албум со силни мелодии кој воспоставува рамнотежа меѓу упадливоста и суптилноста. Стевковски е долгогодишен пријател со Џијан Емин кој, од прва хорна во Македонската филхармонија преку вештото џез импровизирање, стекна голема репутација дома, но и ширум светот. Двајцата настапуваат заедно во различни проекти над две децении.

Годинашниот 35. Скопски џез фестивал почна во четвртокот, со концерти на еден од најиновативните импровизатори на француската џез-сцена, пијанистот Бојан З. и на триото на светскиот виртуоз на гитара Џулијан Лаж. Вчера публиката уживаше во музиката на врвниот бразилски гитарист Винисиус Кантуарија, како и во настапот на полското трио на пијанистот Марцин Василевски и неговиот гостин, саксофонистот Јоаким Милдер. По полноќ, концерт одржа светски популарната Џош Стоун за која билетите беа рекордно распродадени.

На утрешната, последна вечер, ќе биде претставен новиот проект на трубачот Питер Еванс и негово трио „Pilverize the Sound“, а за крај на 35. СЏФ концерт ќе одржи групата на францускиот саксофонист и вокалист Томас де Пуркери „Supersonic“ која последниве години се смета за најголемо откритие на европската џез сцена.

Покровител на годинашниот Скопски џез фестивал е Министерството за култура, а поддржувачи се Градот Скопје, Амбасадата на САД во Македонија и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Би можело да ве интересира

Почнува јубилејното 40. издание на Скопје џез фестивал

Ана Ололовска