„Отворено” со Премиерот и министрите

Од:

Драги пријатели, викендов Ви пишувам од Охрид, македонскиот Ерусалим. Местото каде што сонцето секогаш свети малку посилно, а спокојот кој го шири синото езеро е вистински мелем за динамичниот живот кој сите ние го живееме.

Но целата оваа Божествена убавина, за момент исчезнува кога пред очи ќе ми излезат секвенци од мината отворена седница на Владата на РМ. Дискурс од типот:“ – И што викаш ти директоре? Салата во Пирава ќе биде готова до декември, а? – Ама Претседателе, знам дека требаше да биде до мај, ама имавме проблеми со ЛУПД (локална урбанистичка планска документација). – Ццццц, ако, ако. И кој е крив после? Владата е крива? Ако бе ако, нема проблем, што ти е гајле, Владата е крива!” Морам да Ви признаам драги мои, дека на моменти му бев благодарен на Бога што сé уште имаме леб наутро во продавниците, и горива на бензинските пумпи, иако, рака на срце, ретко кој може да си ги дозволи. Но, да почнеме со ред.

Концептот отворена седница на Влада на РМ, звучи многу привлечно. Асоцира на транспарентност и отчетност, на желба за постојано информирање на јавноста, на цврсти врски помеѓу Владата и народот.

Но каде се јавуваат проблемите? Најнапред, да ја анализираме комуникацијата помеѓу Премиерот и оние кои му реферираат. Еклатантен пример за недостаток на домашно воспитување. Тие му се обраќаат во учтива форма (му персираат), а тој одговара во стилот на Дени Зуко во Брилијантин, кога треба да ја шармира Сенди. За жал, во приказната за нашиот “херој”, од другата страна пред малите екрани се наоѓаат два милиони “сендиевци”, кои ни криви ни должни мораат да бидат сведоци на оваа “мачо изведба” на сопствениот Премиер. И додека на Марко Маринковиќ – Слаткар му доликува да прави концерти кои ќе си ги нарекува “отвАрање”, бидејќи станува збор за шоу бизнис, такво нешто во ниту еден случај не му е дозволено на човекот кој добил мандат од својот народ да ја води државата. Со еден збор дегутантно.

Перверзијата продолжува со употребата на медиумот преку кој се пренесува овој “циркус”. Ни повеќе, ни помалку – Собранискиот канал на МТВ. Почитуван Премиер, за Ваше потсетување, Собранискиот канал, регулиран со Законот за Собрание, ги информира и образова граѓаните за политичкиот живот преку ПАРЛАМЕНТАРНИ, ОБРАЗОВНИ и ГРАЃАНСКИ програми. СОБРАНИЕТО (а не Владата) има програмска одговорност за емитување на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на СОБРАНИЕТО (а не на Владата). Се надевам дека седниците на Владата не ги третирате како парламентарни или образовни програми, не дај Боже, како собраниски активности. Бидејќи доколку е така, имате сериозен проблем со познавањето на функционирањето на политичкиот систем и поделбата на власта во Република Македонија. Сепак, не би сакал ни да помислам дека станува збор за елементарно непознавање. Напротив, сметам дека станува збор за Вашиот внатрешен порив да имате контрола врз секоја институција во државата, и секоја пора од општественото живеење.

Бидејќи си ветив себе си дека секоја недела ќе Ви давам по некој совет како да го подобрите своето работење, така ќе биде овој пат. Транспарентноста и отчетноста на Владата можете да ја подобрите на следниве начини. За почеток, почнете да објавувате дневни редови од седниците на Владата. Чекор понатаму би претставувал објавување на записници од седниците на Владата, и анекс со донесени одлуки на владините седници. На тој начин јавноста ќе има целосен увид во тоа што и како работи нашата Влада.

Понатаму, можете да почнете да одговарате на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер кои секојдневно пристигнуваат на Ваша адреса, а Вие од петни жили се обидувате да ги изиграте баретелите на информации, играјќи “мижитатара” по македонските правнички лавиринти.

Што се однесува до Собранискиот канал, можете да му шепнете на Претседателот на Собранието, дека и не е така страшно понекогаш да видиме директен пренос од некоја надзорна расправа во Собранието, каде функционери именувани лично од Ваша страна, се потат како повторувачи на поправен испит во август, не можејќи да дадат логично објаснување на Вашите грешни и штетни политики.

Е само тогаш ќе можеме да зборуваме за транспарентна и отчетна власт. Наместо толстоеви манифести, решенија, надградени и проширени програми печатени на стотици страници од наши пари, излезете на некое телевизиско соочување со претставник од опозицијата или пак од цивилното општество, па подискутирајте на зададена тема, без однапред поставени прашања. Наместо наместени гостувања во емисии кај квази-новинари кои Ви се обраќаат со “Никола”, небаре заедно сте играле Камај пред зграда, појавете се во емисија кај барем еден новинар кој практикува истражувачко новинарство, и кој ќе Ве праша како може да постои анекс на договор за јавна набавка, кој тежи три или пет пати повеќе од основниот договор? Е само тогаш, јавноста ќе може да види одговорен Премиер, и отчетна Влада, која знае да се соочи и со своите успеси, но и со своите грешки, бидејќи нели, никој не е безгрешен!

p.s. Слободно пренесете и на Министерката за внатрешни работи, дека и тоа како е надлежна за симнување на знамиња на странски држави поставени спротивно на Законот за знамиња, како и за приведување на сите оние кои го палат државното знаме. Но за тоа, повеќе следната недела.

Иван Стефановски

Авторот е магистар по Уставно право

Би можело да ве интересира

Груевски да биде изолиран, а не државата

Ана Ололовска

Третманот на прашањето за изградбата на гасоводот „Јужен тек“ во македонските медиуми

Ана Ололовска

Новинарска лекција: РЕПОРТАЖА

Ана Ололовска

Може ли да се украдат 200.000 гласови и зошто?

Ана Ололовска

Костова: Никола твојата последна битка за опстанок на ФОКУС е наш императив!

Ана Ололовска

Кога новинарите не прашуваат, лагата многу лесно станува вистина

Ана Ололовска