Со врачување на престижното признание „Актерот на Европа“ за 2016 година на романскиот актер и режисер Јон Карамитру и наградата „Клучевите на Преспа“ на професорот Владо Матевски и академик Андраж Чарни и премиера на претставата „Умирам пеејќи – Наум Манивилов“ вечер во реновираниот амфитеатар во Ресен ќе почне 14. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“.
Признанието на романскиот театарски и филмски актер, режисер и политичар Карамитру, кој беше и министер за култура од 1996 до 2000 година му се доделува за животно дело.Покрај признанието „Актер на Европа“, на Карамитру ќе му биде врачена и наградата „Доктор Хонорис Кауса“ од Универзитетот за аудиовизуелни уметности, ЕФТА, Скопје.
Наградата „Клучевите на Преспа“ на професорот од Природно-математичкиот факултет во Скопје Матевски и потпретседател на МАНУ, предавач и стручен соработник на Словенечката академија на науки и уметности, д-р Чарни им се доделува за нивниот особен придонес во проучувањето на флората во Македонија, особено за уникатната флора на планината Галичица, публикувано во бројни научни публикации. Со тоа не само што ја збогатија сферата на своето специфично научно делување, туку и го афирмираа Преспанскиот регион во еден поширок контекст.
Во шестдневаната програма на сцената во ресенскиот сарај љубителите на театарската уметност ќе можат да проследат театарски изведби од Црна Гора, Србија, Франција , Бугарија и Македонија.
Фестивалот „Актерот на Европа“ беше покренат во 2003 година, од неколку балкански и европски театарски сонувачи, во духот на мислата на Жан Моне „Да се гради Европа значи да се гради мир“. По прогласувањето од Европскиот Парламент на Преспанското Езеро за меѓуграничен европски парк меѓу Грција, Албанија и Македонија, Преспа стана нов театарски хоризонт на европеизацијата на Балканот.
Прв со титулата „Актер на Европа“ се закити актерот Љуба Тадиќ од Србија, потоа традицијата продолжи со Мариус Куркински од Бугарија, Бајруш Мјаку и Ѓорѓи Јолевски од Македонија, Моника Санторо од Италија, Костас Гакидас од Грција, Зијах Соколовиќ од Босна и Херцеговина, Роже Мирмон од Франција, Брус Маерс од Велика Британија, Ана Патерсон од Шведска, Раде Шербеџија од Хрватска и Милена Зупанчиќ од Словенија.
Фестивалот на кој до сега учествувале повеќе од 150 претстави од скоро сите европски земји, се одржува во организација на „Езеро без граници“, Општина Ресен и Универзитетот за аудиовизуелни уметности, а со поддршка на Министерствот за култура на Република Макеоднија. сс/мч/07:25