Велат, за една држава да функционира онака како што треба, потребно е да биде поставена на здрави темели. Тоа пред сé подразбира функционалност на државните институции и владеење на правото. За жал, во оваа наша чудесна земја, некој (читај: актуелната владеачка гарнитура) тоа не умее, или не сака да го разбере. Инспирацијата за пишувањето на денешнава колумна ја пронајдов во последните случувања со штајкот на лекарите во јавното здравство. Сметам дека станува збор за тема која дефинитивно заслужува да биде анализирана, пред сé, поради ограничувањето на уставно загарантираното право на штрајк и повредата на елементарните човекови права на лекарите како фела.
Министерот за секоја пригода, откако го направи образованието цакум-пакум, реши дека треба да воведе ред во здравството. Некои шпекулации велат дека утре можеби ќе ни станел и Премиер. Ако е така, нему нека му е со среќа, а нам со помин…со лесно. Последниве неколку месеци се изнаслушавме за поставување камери по болнички шалтери, за висококвалететни болнички душеци, за љубезноста на болничкиот персонал кон пациентите и слично. Но овие мерки ниту ја подобрија положбата на лекарите, ниту ја подобрија уставно загарантираната здравствената заштита на пациентите. Напротив, луѓето си умираат…тендерите си врват, и сé така до недоглед.
Но, дојде време да се крене свеста на лекарот. Белите мантили решија да се потрудат да преземат чекори за подобрување на својата економска и општествена состојба, како и својот професионален интегритит. И тогаш, својствено за овој болшевичко – африкански режим, започна употребата на “антикризни” мерки. Најпрво, судска одлука за оневозможување на штрајкот. Таа несреќна судијка, доколку судела применувајќи ги своето правничко знаење, Уставот и законите, без при тоа врз неа да биде вршен било каков притисок, тогаш би ѝ сугерирал повторно да го отвори учебникот по Уставно право, се разбира, под услов некогаш порано да го има отворено. Од друга страна, доколку била под притисок, човек да се потруди да ја разбере. Доколку пресудила исправно, веројатно на следната седница на Судскиот совет (тело кое ги именува и разрешува судиите), би се нашла како прва точка на дневниот ред, се разбира, за да се дискутира за нејзиното “нестручно” работење. Да не знае човек што е полошо, незнаењето или стравот. Драг министре, драг колега, двајцата сме правници, барем така ни пишува во дипломите. Членот 38 од Уставот на Република Македонија е јасен како ден: ”Се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата”. Почитуван Министре, стетоскопите не се ниту пушки, ниту пиштоли, немате зошто да се плашите. Следеше “медиумското клистирање” на јавноста дека всушност нема штрајк на лекарите. Тоа биле три-четворица лекари со политички амбиции?!? Драг Министре, Претседателот на синдикатот е офталмолог, мислам дека со задоволство ќе Ве прегледа. Само нешто од внатре ми вели дека не станува збор ни за страбизам, ни за астигматизам, уште помалку за катаракта. Станува збор за класична манипулација со два милиони народ, и ништо повеќе. Медиумската машинерија со интегритет на дождовен црв потворно се покажа како лојална. Но за наша среќа, кога се прави телевизиски прилог за штрајк, мора да има барем еден кадар од местото на настанот. А таму, една слика, илјада зборови. За заплашувањата и притисоците воопшто не би сакал да зборувам. Тоа многу убаво го видовме во мај и јуни минатата година. Мораме да им признаеме на овие од власта, барем за тоа се махери!
Бидејќи секоја критика без соодветно предлог – решение се сведува на критизерство, јас се решив да Ви дадам почитуван Министре, неколку бесплатни совети. Без грижи, не сакам хонорар помеѓу три и пет илјади денари, а сигурно немам ни IQ 140. Доколку барем малку Ви е грижа за здравството, и за животите на нашите сограѓани, применете барем некоја од овие мерки: Парите наменети за здравството, навистина да завршуваат во здравството, а не да служат за затворање на ad hoc создадени буџетски дупки; Зголемување на ефикасноста на работењето на здравствените работници со подобрување на нивната стручност и деполитизација на раководните структури кои пред сé треба да бидат стручно компетентни и деполитизирани; Еднакви аршини за јавното и приватното здравство, определување на цени на услугите кои ќе можат да им бидат надоместени и на пациентите кои се лекуваат и во приватните здравстени установи. На овој начин ќе се стимулира поквалитетно работење и ќе се подобри ефикасноста и на јавното и на приватното здравство. Од мене толку, а повеќе нека Ви каже тимот од генијалци кој толку помпезно го најавувате.
p.s. Почитуваниот Министер пред неколку месеци, од страна на неговиот партиски шеф беше именуван за Шеф на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Од тој момент па натаму, во Министерот се акумулирани две важни функции – една државна и една партиска. Од ова произлегува дека на Премиерот или не му се важни локалните избори, или не му е важно здравството во Македонија? Проценете сами.
Иван Стефановски
Авторот е магистар по Уставно право
