Државниот инспекторат за земјоделство откри нива засадена со марихуана во кратовското село Железница. Дрогата ја засадил П.М. (43) од Скопје, против кого полицијата поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, соопштуваат од Државниот инспекторат за земјоделство.
Пријавениот, пред да ја насади нивата, наводно заради изработка на магистерски труд на Земјоделски факултет – Скопје, доставил повеќе барања до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Министерството за здравство за дозвола за отпочнување на производство на коноп.
Од Министерство за здравство добил одговор дека во Република Македонија, како членка на Обединетите нации, е забрането производството на канабис во сите форми и вариетети.
И покрај известувањето, пријавениот во текот на 2016 година, од Нови Сад, Србија, набавил два килограма семенски материјал канабис. Дел од семенскиот материјал го засадил и одгледувал на земјиште лоцирано во месноста Врбица, село Железница, Кратовско, каде што неовластено произведувал 1.897 растенија, додека останатиот семенски материјал од 1.980 грама го чувал заради понатамошно дополнително производство.
Во врска со известувањето за отпочнување на производство на увезено семе од коноп сорта ,,Хелена“ (Cannabis Sativa L.) во научни цели на ден 25.06.2016 година (сабота) во 11 часот, е извршен инспекцискиот надзор од координиран тим на инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство во село Железница маало Врбица, Кратово.
Тимот на инспектори кој беше составен од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, ја констатира фактичка состојба од увидот во приложената документација и насадот од растенија Cannabis Sativa L. на две парцели обележани со Х1 и Х2 со околу 1500 растенија и отворена вреќа на семенски материјал (2 кг) со важност на декларација 30.06.2016 година на декларација семе од коноп сорта ,,Хелена“ (Cannabis Sativa L.). Семето е увезено спротивно на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија.
По сознанијата од увидот, инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство беше алармирано до Министерството за внатрешни работи – СВР П.С. Кратово, по што беа преземени законски мерки од полициските службеници, информираат од Државниот инспекторат за земјоделство.