Политика – Белград
Познат по имињата на двајца дипломати, кои дури не биле ни експерти за Блискиот Исток, Договорот Сајкс-Пико, со кој Франција и Велика Британија си обезбедија сфери на влијание на територии на Османлиското Царство во распаѓање, го воведе регионот во децениски етнички и верски судири и на џихадистите на Исламската држава им пружи можност да возвратат со прогласување на свој „Калифат“.
„Договорот за Мала Азија‟, еден од најважните во историјата на современиот Блиски Исток, на 16 мај во 1916 година тајно, со согласност на Русија, го склучиле двете колонијални сили, а неговите потписници Марк Сајкс и Жорж Пико, тешко дека можеле и да помислат оти новата поделба на сфери на влијание толку долго ќе ја определува судбината на Блискиот Исток.
Откако на Лондон и Париз им било препуштено сами да ги дефинираат границите во своите зони на влијанија, британската разузнавачка Гертруде Бел врз основа на договорот нацртала нова карта на арапскиот Ориент. Британците добиле контрола над југот на Ирак и над Палестина од брегот на Средоземното Море до реката Јордан и Цисјорданија.
Французите ја презеле контролата на југоистокот на Турција, северен Ирак, Сирија и Либан.
Британците со територијата на денешен Ирак директно владееле од 1920 до 1923 година, кога Мосул и Багдад ќе ги уфрлат во ново основаната држава. Истата, 1923 година ќе воспостават мандатна територија Палестина ветувајќи им на Арапите благодарност за борбата против Турците, истовремено кога и ционистите основале територија која ќе ја држат до 1948 година, кога е создадена државата Израел. Французите го извлекле Либан од Сирија, а нивниот мандат над двете земји ќе трае од 1923 до 1946 година.
Неприродните граници, во контраст со човечката географија, ги дефинираа државните територии на Ирак, Сирија и Либан. Секој од новите политички ентитети бил поделен долж етнички, секташки или социјални линии.
Во Палестина избиле судири меѓу бедуините од Источниот Брег, палестинските Арапи и растечкиот број на еврејските доселеници. Во Сирија Французите одбрале систем кој се потпирал на малцинските христијани, алавите и друзите, на сметка на мнозинските сунити. Во Ирак, сунитите кои во време на Османлиите претставувале регионално мнозинство, станале малцинство во однос на шиитите.
Етничките или верските групи, убедени дека се обесправени – од Курдите и Палестинците, до сунитските и шиитските пустински племиња – продолжиле да го оспоруваат договорот Сајкс-Пико и неговата токсична легитимност.
Дали поинакви граници, Блискиот Исток би го направиле постабилен, поотпорен на насилствата со кои денес се соочува? Врз основа на еден век историја не е тешко да се повлече линија и да се воспостави директна врска меѓу границите, кои ги повлекувале Европејџите и хроничните блискоистични нестабилности: регион кој заврши во колонијален дизајн се покажа како премногу слаб и дезорганизиран за ефикасно да се справи со окупациите – како со колонијалната вчера, така и на неоколонијалната денес.
Американската инвазија на Ирак во 2003 година отвори процес со кој Левантот – од Бејрут до Басра – почна да се враќа на своите историски држави и граници. Вакуумот на моќта кој во Ирак го создаде администрацијата на Џорџ Буш, почна да ги уништува структурите на вештачката држава создадена во времето на договорот Сајкс-Пико. Ирачките шиити и Курди веќе имаат свои автономни региони. Алавитите и нивните сојузници христијаните, друзите и исмаилитите, имаат автономен регион во Сирија, како и локалните Курди. Либан е длабоко поделен.
Точка на пресврт може да биде и појавата на Исламската држава (ИД), милитантната сунитска група која во Мосул во јуни 2014 година на заземената територија од Еуфрат до Медитеранот прогласи „Исламски Калифат“, кој го отфрла поимот национално. Водачот на ИД, Абу Бакр ел Багдади, своите борци веднаш ги прати во пустината со булдожер да ја урнат малата канцеларија која ја означуваше граница меѓу двете модерни арапски држави Ирак и Сирија.
– Крај на Сајкс-Пико, порача на англиски брадест исламист во еден од првите пропагандни видео снимки. – Иншалах, ќе даде Бог, ова не е прва граница која ќе ја скршиме, истакна тој.
Курдите, најголемите губитници од 1916 година, останаа поделени во агли на Турција, Сирија, Ирак и Иран. Припадниците на најголемата нација на светот без држава, тврдат дека постоечките граници на Турција се погрешни, дека тоа што немаат држава е фатална последица на постосманлиските граници.
– Регионот, а Курдистан посебно, е поделен не земајќи ја предвид волјата на народот, што водеше до вековни несреќи, војни, оспорување и нестабилности, изјави неодамна претседателот на регионалната влада на ирачкиот Курдистан, Масуд Барзани, ветувајќи оваа година референдум за независност.
Се шпекулираше дека гласањето ќе биде организирано токму на 100-годишнината од договорот Сајкс-Пико, за симболично да порача дека стариот колонијален поредок е мртов.
Темата за исцртување нови граници на Блискиот Исток не е својствена само на амбициите на исламистите или Курдите. Се шпекулира и за планови за поделба на Ирак на шиитски и сунитски и курдски дел. Голем број на анализи за граѓанската војна во Сирија завршуваат со заклучок за фрагментација на земјата по истите сунитско-шиитски-курдски шавови.
Палестинците и натаму чекаат граница на својата држава, а прашање е каков статус сака Газа. Египетски Синај, каде бедуинските лидери се во костец со Ал Каеда или ИД, се претвори во засебна територија надвор од контролата на Каиро. Во Либан, моќното движење Хезболах, фактички има своја држава на југот на земјата.
Блискиот Исток и денес е полн со граници кои не се појавуваат на официјалните мапи, а дали децениската геополитичка архитектура создадена на договорот Сајкс-Пико почна неповратно да се руши со поддршка на разни етнички и верски малцинства од регионот? Што на тоа вели историјата? Договорот Сајск-Пико го разобличија болшевиците кога во 1917 година ја презедоа власта во Русија.
– Фактот дека (денес) не слушаме оти постојат планови на одредени сили кои отворено би зборувале за поделба на регионот, не значи дека такви планови не постојат – деталите можеби ќе станат евидентни подоцна, потсетува Џамал Санад ел Суваиди, директор на Центарот за стратешки студии и истражувања во Обединетите Арапски Емирати.
Енигма е дали големите сили ќе продолжат да ја поддржуваат политиката која духот на етничките и секташките судири се обидуваат да го вратат во шишето или конечно, да сфатат дека договорот Сајкс-Пико е мртов? Тоа би значело поголема формална автономија за Курдите и сунитите и повеќе работа за картографите на новиот Блиски исток, кој станува реалност.