Во организација на Одделението за култура и спорт при општина Карпош, денеска на кејот на реката Вардар се одржа традиционалниот училишен атлетски крос.
Во рамки на спортската манифестација која се одржа седми пат, учествуваа основците од десетте училишта кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа.
Учениците од шесто до деветто одделение се натпреваруваа во две основни категории – девојчиња и момчиња, трчајќи во пет различни дисциплини, на 50, 100, 150, 200 и 250 метри.
Неприкосновени беа тркачите од „Петар Поп Арсов“ со седум освоени победнички места, веднаш зад нив се учениците од „Димо Хаџи Димов“ со пет победници, додека, на победничкиот престол застанаа четири ученика од „Христијан Тодоровски – Карпош“. Основците од „Братство“ и „Аврам Писевски“ освоија три победнички места, а нивните соученици од „Владо Тасевски“ освоија две.
Претседателот на Комисијата за спорт при Советот на општина Карпош Давор Грче им ги додели дипломите и победничките пехари на најуспешните учесници, посакувајќи им да продолжат да спортуваат и да развиваат здрави животни навики.