Секоја прва среда во месецот „Научна среда“ во ИСППИ

Од:

Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска започна серија настани под наслов „Научна среда”, на кои ќе се промовираат истражувачките резултати од спроведените проекти и ќе се организираат панел дискусии поврзани со општествени прашања.

Директорката на ИСППИ д-р Мирјана Борота Поповска истакна дека целта на овие научни средби, што ќе се одржуваат секоја прва среда во месецот, е промовирање на науката, размена на сознанија меѓу истражувачите од домашната и меѓународната академската заедница, анимирање и подигање на нивото на информираност на пошироката јавност за нашата работа, и нејзино активно вклучување, со посебен акцент на вклучување на младата популација.

Денеска беше промовиран меѓународниот проект Сервиси на податоци од општествените науки во Југоисточна Европа (SEEDS) (http://seedspoject.ch), чија цел е да воспостави одржлива инфраструктура за зачувување и секундарна употреба на податоци од истражувањата во општествените науки во Македонија.

Тимот што работи на проектот смета дека во постојните документи и политики за наука во Република Македонија ваква национална инфраструктура не е предвидена. На ниво на институции се среќаваат делумно различни практики во врска со архивирањето, но генералниот заклучок е дека пред сé во високо образовните и истражувачки институции, со многу ректи исклучоци, тоа сé уште не се прави на систематски начин. Поради тоа постои реална опасност истражувачките податоци да бидат изгубени, или пристапот до нив да е ограничен на многу мал број на истражувачи, посочуваат од проектот.

Во рамки на проектот е спроведена електронска анкета на истражувачи од академската заедница од јавниот и приватниот сектор (од општествените науки) и НВО заедница. Од 1.159 истражувачи, 181 истражувач одговориле на анкетата што е 15 отсто.

Неколку од поставените прашања укажуваат на важноста и потребата од постоење на ваква инфраструктура во Македонија. На прашањето „Ако знаете дека Вашите податоци ќе бидат зачувани на долг рок во сигурна техничка околина, и споделени само со истражувачи кои имаат дозволен пристап, дали би ги доставиле Вашите податоци во архива на податоци за општествените науки?“ 40% од истражувачите одговориле со „да, секако“, а дополнителни 43% со „да, веројатно“. 80% од истражувачите сметаат дека споделувањето на истражувачки податоци е многу важно во рамки на нивната научна дисциплина. Дополнителни 18% мислат дека е „делумно важно“. Над 90% од истражувачите мислат дека ќе биде корисно во нивната работа да имаат пристап до домашни и меѓународни истражувачки податоци. Над 85% од истражувачите сметаат дека постоењето на национален архив на истражувачки податоци во Република Македонија е многу важно, а дополнителни 11% дека е делумно важно.

Проектот е финансиран од Швајцарската национална фондација за истражување и се спроведува во партнерство со институции од земјите од регионов, и националните архиви на податоци од Швајцарија и Словенија.

Би можело да ве интересира

Што подолго без договор, поблиску до прекин на наставата-ниту законот на Груевски не може да спречи штрајк

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Стевановиќ: Ректоратот да каже дали дозволил сечење на дрвјата

Емир Латифовиќ

Почетокот на учебната година останува на 1 септември

Емир Латифовиќ