Европратеникот Ричар Ховит, еден од посредниците во преговорите во Македонија вечерва порача дека земјава или ќе ја задржи демократија или ќе биде повлечена препораката за ЕУ. Тој ова го напиша и на својот Твитер профил, а претходно во европскиот парламент кажа дека во Македонија постои сериозна политичка криза со која не е доведена во прашање посветеноста на Европа, туку посветеност на демократијата. Според Ховит, реформи во медиумите мора да има за фер избори.
-Како што господинот Хан повтори попладнево, позитивната препорака за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ дадена од Европската комисија зависи од целосното спроведување на меѓупартискиот договор од Пржино, за кој ние помогнавме да се постигне. Европскиот совет во декември ги поддржа неговите заклучоци и утре овој Европски парламент јасно и гласно ќе им каже: Зачувајте ја демократијата или ќе ја повлечеме позитивната препорака.
Тој пред парламентот кажа дека реформите во медиумите се услов за одржување на фер избори.
По последниот круг разговори во кои бевме вклучени минатиот месец, кога владејачката партија ВМРО тврдеше дека сме се договориле дека нема да има понатамошни медиумски реформи пред изборите и дека повеќе нема да има изборни процени – како посредници и со јасни изјави и од амбасадорот на ЕУ и од амбасадорот на САД – сведочиме дека тоа не беше предмет на никаков договор. Благодарен сум му и на холандскиот амбасадор, кој попладнево повторно го потврди тоа.
Ставот на Советот и на Комисијата утре ќе биде целосно поддржан од Парламентот- дека мора да има напредок во итните реформи, а напоменувам дека Комисијата ни рече дека таму има назадување.
Исто така, наведувам дека специјалната обвинителка што ги истражува сериозните обвинувања за криминал против некои политичари, ни кажа дека не ја добива целосната соработка што ѝ е потребна од судскиот систем на земјата. Нашето утрешно гласање ќе потврди дека дека на неа мора да ѝ се даде целосна моќ и автономија за да ја врши својата работа, рече Ховит.