Австрија ги отфрли грчките критики околу мигрантската конференција

Од:

Австрија денеска ги отфрли критиките од Грција за тоа дека властите од Атина не се повикани на утрешната конференција во Виена на која ќе има претставници од државите од „западнобалканската мигрантска маршрута“ кон западна Европа, јавува Танјуг.

– Овие состаноци (на државите од Западен Балкан) се одржуваат во одреден формат и со однапред утврдени учесници. Заклучоците од состанокот ќе бидат  претставени на разговорите на министрите за внатрешни и надворешни работи на ЕУ, во четврток во Брисел, за француските медиуми изјави Карл-Хајнц Грундбук, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Австрија.

На состанокот под називот „Заедничко управување со миграцијата“ во Виена ќе учествуваат министрите за надворешни и внатрешни работи на Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Словенија.

Грчкото Министерство за надворешни работи тврди дека чинот на заобиколување на Атина од конференцијата ќе биде „обид за донесување одлуки во отсуство на Грција што директно влијаат врз Грција и грчките граници“.

Грција, исто така, ја обвини Австрија за поткопување на напорите за изнаоѓање заеднички европски одговор на миграциската криза, на начин што Виена ја стави на страната на претставниците на тврдата линија меѓу членките на ЕУ кои одбиваат да примат макар и еден бегалец.

Медиумите забележуваат дека со ваквото однесување Виена им се доближи на ставовите на Вишеградската четворка – Унгарија, Полска, Словачка и Чешка, која бара ЕУ да воведе поостри контроли внатре во Шенгенската зона.

Би можело да ве интересира

Берлин и Канбера загрижени од ескалацијата на тензиите меу САД и Северна Кореја

Ана Ололовска

Фајман ќе го охрабри Балканот за натамошно спроведување на реформите

Ана Ололовска