Ректоратот на УКИМ требаше да ја образложи постапката за сечењето на дрвјата, влегувањето на лица надвор од УКИМ и процесот на донесување одлука за овие објекти. Требаше да свика седница, ако ништо друго да превенира ескалација на ситуацијата на УКУМ, вели професор Маја Стевановиќ од Професорскиот пленум во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Изградбата на двата барокни факултети поради кои преку ноќ беа исечени педесетина дрвја предизвика бурни реакции и обвинувања за упад во автономијата на Универзитетот. Дали со ваквата постапка се нарушува начелото за управување со универзитетскиот простор?
Не знаеме. Не знаеме од следната причина, според закон право да даде дозвола на лица што не се од УКИМ има Ректорот или човек кој би бил овластен од Ректорот, тоа значи дека и оние кои влегле во 2 и 30 по полноќ и полицијата којашто беше присутна во понеделникот на територијата на кампусот на УКИМ можеле да влезат со дозвола или без дозвола, а ние не знаеме дали тие имаат дозвола и од кого имале. Затоа и студентите и Професорскиот пленум јавно повикаа Ректоратот на УКИМ да се огласи и да каже дали некому издал дозвола за влегување на територијата на Универзитетот или не. Ако влегле без дозвола, тоа е директен упад во Автономијата и кршење на правото на неповредливост на просторот, а ако влегле со дозвола тогаш треба да се види и да се разговара кој и зошто ја издал таа дозвола и во крајна линија зошто ја направил таа проценка.